[Фото] Центар ја отстранува терасата на „Аманет“, ресторанот тврди дека била законски поставена

Општина Центар информираше дека со градежна механизација на улицата „Павел Шатев“ број 2, во „барокната“ зграда „Емануел Чучков“, се отстранува нелегално поставена урбана опрема.

Се работи за челична конструкција обложена со стакло, со димензии 10 х 11 метри, која изминатиов период функционираше како тераса на гостилницата „Аманет“.

„Откако инвеститорот не постапи по законски издаденото решение, кое наложува во рок од три дена самостојно да ја отстрани дивоградбата, инспекциските служби на општината пристапија кон присилно административно извршување, а трошоците за извршувањето ќе паднат на товар на инвеститорот“, велат од Центар, дополнувајќи дека нивната акција за справување со дивоградбите ќе продолжи и во деновите кои следат, со што ќе бидат опфатени вкупно 18 нелегално поставени и изградени објекти на територија на општината.

Се работи за објект на лидерот на политичката партија Интегра, Љупчо Ристовски. Тимот на ресторанот денеска преку својата официјална Фејсбук страница потврди дека се рушела терасата, но, истовремено, тврдат дека таа била законски поставена.

„И покрај сите наши укажувања, приговори и жалби до владии комисии, на законитоста на изградената тераса, со заверен проект од Град Скопје, Решение за плаќање на такси, уплатени такси, и добиени две Одобренија од Град Скопје за поставување на урбана опрема и за вршење на дејност (во прилог е копија од целата документација – подолу), службите на Град Скопје, по налог лично од градоначалникот Шилегов, ја демонтираат/рушат законски изградената тераса на Аманет“, се вели во реакцијата на „Аманет“.

Утрово, понеделник 14/12/2020, инспекциските служби на Општина Центар пристапија кон демонтажа/рушење на законски…

Posted by Ресторан Аманет on Monday, December 14, 2020

За оваа тераса која „никна“ пред „Аманет“, претходно од Град Скопје рекоа дека на 21 септември донеле решение за поништување на Одобрението за поставување на урбана опрема. Потенцираа дека Градот го поништил Одобрението за вршење дејност надвор од деловен простор, издадено на барателот ДПТУ ПРИМЕС КО.ДООЕЛ СКОПЈЕ што ја држи „Аманет“.

„Решението е поништено согласно извршен инспекциски надзор од Инспекторат на Град Скопје на 26 август 2020 година, при што е констатирано дека правниот субјект ДПТУ ПРИМЕС КО.ДООЕЛ има поставено метална конструкција предвидена за платформа за поставување на урбана опрема која е прицврстена за плочникот со метална арматура. Воедно, во склоп на металната конструкција се заробени две канделабри, кои не се прикажани во елаборатот за поставување на урбана опрема“, соопштија претходно од Град Скопје.

Инаку, пред да биде поставена терасата, Аманет“ лани се смести во „барокната“ зграда што е дел од проектот „Скопје 2014“, со вредност од близу 8 милиони евра, според идејно решение на Жарко Чаушевски.

Во неа се сместени Државниот завод за ревизија, вработените од Геолошкиот завод, како и кадар на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и со деловен простор (АДСДП). Токму АДСДП ја менаџира државната зграда и лани го издадоа под наем просторот на приземјето за „Аманет“. Аргументот за ваквиот наем беше дека „нивна задача е да стопанисуваат со државниот имот најрационално што можат, овозможувајќи прилив на средства во буџетот“.

Б.Ш./М.К.