Foolish Green: Талентите во Македонија се деликвенти и едвај преживуваат

Авторската музика што навистина – до гола суштина – вреди, одамна е загрозен вид во Македонија. Во ова друштво, принудно стеснето од ниски пориви и паланечки потреби, опстојува уште помал кружок потписници на оригинални дела кои веднаш, со самото деби во јавноста, звучат самоуверено, изострено и стегнато. Тие не се ограничени или за навек издефинирани. Очигледно е оти и во иднина ќе буричкаат низ историјата и ќе ги следат актуелните жанровски текови, а сето тоа ќе го спојуваат во збиена целина за чие креирање е нужно поседување вроден талент, желба за работа и чувство за почит.

Рамнотежата меѓу овие елементи, надополнета со високиот степен на дисциплина и на посветеност, ја помирисав во деби ЕП-то Sun is Gone, додека комплетно ја пронајдов во Escape, првенчето на скопската група Foolish Green. Од ланската објава на четирите песни до годинашното лонг плеј-првенче, составот експресно се впиша себеси во врвот на домашната алтернативна сцена, без разлика колку таа на шунд-меинстримот му се чини небитна и негламурозна. Следната сабота, на 15 ноември, составот ќе свири на Streets Festival во Хаг, Холандија. Локализирајќи позната англиска изрека ќе истакнам оти групата во овој краток период на транзиција ја изоди патеката од„нула до херои“, пишува Александар Саздовски во воведот на интервјуто со основачот, лидер и фронтмен на Foolish Green, Ненад Стефаноски – Брус за Кулпоп. 

– Всушност, не тргнав со некаква замислена цел и рецепт за успех. Едноставно, тоа е она фино чувство за креирање, кое те повикува одвнатре да го извадиш на виделина и да го претопиш во некакво дело, кога ништо пред тебе не претставува нерешлив проблем, туку само индивидуална мистериозна причина на која подоцна ѝ ја разбираме целта. Што и да е, стегаш заби и ја пребродуваш бурата од искушенија, имаш морална одговорност и јасна порака кон слушателите и се надеваш на добар резултат. Секакви критики се добредојдени, вели Стефановски.

Не сте мејнстрим-ѕвезди какви што, ако ништо друго, можеби би биле на добар пат да станете на Запад, но со силен ентузијазам бевте прифатени во Македонија и во регионот. Реакциите за албумот беа нагласено позитивни, а и распродадовте два концерта во „Фросина“ во МКЦ. Како ги оценуваш овие успеси – соодветни се или се подзадушени од бучавата на неквалитет на нашиве простори?

– Пријатно се изненадив од брзата реакција на публиката уште при првото издание во киберпросторот. Не очекував премногу галама, а сепак, брзо се обзнани зборот и интересот за „Фулиш грин“ секојдневно расте. Има уште премногу работа. Алтернативната сцена е ранлива и кревка, а талентите се деликвенти и одвај преживуваат. Последниве години оваа сцена доби посериозен приказ на работите, културен шок, со силна тенденција за рушење на пинг-понг режимот. Се издадоа еден куп домашни зрели албуми и уметниците докажаа дека не спијат и дека сè уште не се задушени од кичот кој се пласира 24/7 на македонските медиуми. (Како раката на Фреди Кругер, окото кое постојано гледа, не заспивај сега, затоа што и ти ќе станеш еден од нив). Создавањето музика кај нас сè уште е мазохизам. Заразна болест со трајни последици. Мора совесно и напорно да работиме, ние копилињата од Македонија кои ништо не сме виделе од светот, што продаваме памет, па потоа со истите пари си купуваме конфузија, го зајакнуваме нашето его, со тоа што му оддолеваме и го одбиваме. Сепак, надежта последна умира, ама ако од твојата музика немаш леб, тешко дека љубовта кон неа ќе те нахрани и облече. Во најлош случај, ќе се обесиш и мајка ти ќе те одере, исецка и испече!

Спротивно од оваа доминантна школа на размислување – дека ако сè и онака е (пот)просечно нема зошто индивидуално да се трудиме –Foolish Green прикажува јасна решителност за (бркање) перфекционизам. Каде ги лоцираш корените на оваа потреба и како ја одржуваш во живот ако знаеш дека ќе поминеш солидно и со значително помало (себе)вложување?

– Никогаш не е идеално, ниту перфектно, и во тоа е убавината на еволутивниот механизам и надградувањето на себеси. Секогаш знаеш до каде си, а до каде претходно си стасал. Би рекол повеќе дека се обиди за пробивање на рамките на медиокритетот и големиот мерак да се крчка во лабораторијата. Зашто би се изложувал на помало (себе)вложување, кога уживам и знам дека е здраво?

Ваквата посветеност на детали е една од највпечатливите карактеристики на Escape. Очигледно е дека самите песни, а и целиот албум, се цврсто осмислени и покрај тоа што не криете оти сакате и импровизации. Како одлучуваш, како ја одредуваш вистинската точка до која сметаш дека треба да одиш во ситници, а во која потоа е нужно да ги пуштиш уздите – и компонирачки и свирачки?

bruce– Сè е во зависност од првичната идеја, моментот додека работам. Милиони мали парчиња од мозаикот на влијанијата кои ја полнат мојата имагинација и ѝ даваат поголеми крилја за летање и начини за креирање. Но, немам некое особено правило при музичкиот израз. Понекогаш предводен од инспирацијата, убавата мисла, по некоја капка емоција, некогаш и мрзата, заморот, внатрешниот мир и немир, неодлучноста (кога немам конкретизирано што сакам да направам, експериментирам, лупам, додавам некои финеси, па случајно ќе излезе нешто интересно и учинковито). Честа појава е и самите грешки, фалшови и несовршености да создадат и по некоја автентична и препознатлива слика. Во ред е и ставот дека „секогаш може и подобро“, но мислам дека најредовно се навраќам на првиот израз. Па откако ќе го завршам целиот концепт на албумот, ЕП-то, проектот или што и да е, повторно ги скенирам сите теми поединечно со крајна одлука (ова иде како што е, треќава може и подобро, шестата ја вадам, али ќе се најде за друго, на деветава само пратечките да се препеат, итн. ,итн, со поставување свој краен рок), сè додека не сум задоволен од крајниот резултат. Од тој момент, го оставам тој материјал да си прилегне и преоѓаме на следно.

Албумот дефинитивно е направен тука и сега и без мака опстојува во денешен, современ, контекст, ама има и јака ретролинија. Не во смисла дека рециклирате, туку оти не се срамите од инспирацијата од подалечното минато. Зошто токму 60-тите и 70-тите, зошто баш психоделичен поп, како се поврза со ова време и жанр?

– На тоа највише жени трзаат. Се шалам… Не знам, едноставно ни прилега на духот, растени сме со секаква музика, но баш тоа е базата на која сме најнавлечени, се идентификува со нашиот капацитет за творење, и е „зачинета“ со сè она што преку сите сетила се задржало во мозокот и ни разбудило секакви чувства. Потоа, самата топла vintage текстура на звукот во користењето на разноразни атмосферски звуци, чудни инструменти и ефекти, текстура која ја содржат и многу модерни правци како hip hop, breaks, soul, trip hop, electro, house, dub (преку „семплување“, преработување, модулирање, итн.). Една огромна дисперзија на зракот на музичката призма што отвара големи хоризонти. А богами и треба да се искористи сè што нуди новата технологија за музицирање, незаборавајќи го човечкиот фактор и емоциите, се разбира.

Освен што црпите од споменатите ери и правци, како и од други „меѓународни“ звуци, на Escape се забележува и здраво домашно влијание од автори како Шпато чии композиции ги изведуваше квартетот „Импулси“. Кои карактеристики на овие песни и на овој славен „фестивалски“ период би ги издвоил како најмоќни и кои те привлекле да им се навратиш?

– Ха! Навистина сум почестен што си ме поврзал со овие великани-мајстори, безвременски автори и пионери на ова тло. Ме привлекуваат аражманските решенија прима виста, начинот на компонирање, дисциплината, врвните оркестрации, како и благата и малку наивна староскопска поезија. Што знам, убава раскошна градина.

Целото интервју можете да го прочитате на Kulpop.mk