Фестивалот „Скупи“ вечерва завршува со белгиската претстава „Жозефина“

Десеттото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Скупи“ вечерва ќе заврши со претставата „Жозефина“ на белгискиот театар „Шаливате“.

Од фестивалот информираат дека актерите во „Жозефина“ го користат говорот на телото за да раскажат приказна за маж и жена чии патишта се вкрстуваат, а изразните средства користени во претставата имаат за цел да го наведат гледачот да биде воден од своите чувства и преку нив да ја одгатне таа врска.

„Од приспомнување до вознемирувачки соништа, од распрскани спомен и до опсесивна желба, реалноста и фантазијата се претлетуваат на сцената. Телото и зборот интимно се поврзуваат, меѓусебно си влијаат и се трансформираат. Дијалогот помеѓу телото и зборот, поетски и физички, ја изразува визуелната моќ на текстот“, се вели во соопштението.

Јубилејното десетто издание на фестивалот започна на трети ноември.