Фестивалот „Литера“ распиша конкурс за илустрација за деца на темата „Свет со љубов“

Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ распиша конкурс за авторски илустрации на тема „Свет со љубов“. Сите заинтересирани илустратори може да се пријават со не помалку од 2, а не повеќе од 5 авторски дела – илустрации за деца. Конкурсот е отворен до 30 април, соопшти „Литера“.

Сите заинтересирани автори своите дела со куса биографија, на една страница, треба да ги пријават на имејл адресата litera.festival@gmail.com со назнака За конкурсот на „Литера“. Селекцијата ќе ја прави комисија, а победниците ќе бидат соопштени најдоцна до 8 мај, посочија од меѓународниот фестивал.

„Од пристигнатите дела ќе бидат избрани петмина илустратори. Тие заедно со повеќе реномирани илустратори од регионот ќе учествуваат на годинашното петто издание на фестивалот ‘Литера’ што ќе се одржи во мај во Музејот на современата уметност во Скопје. Изложбата наесен ќе патува и во Загреб, во македонскиот Културно-информативен центар“, велат од „Литера“.

Фестивалот „Литера“ минатата година прв пат организираше изложба на македонска современа илустрација, во рамките на фестивалот на детска сликовница „Овца во кутија“, што се одржа во истарскиот град Пазин.