Изложба на илустрации од македонскиот илустратор Младен Туниќ на „Литера 2021“

Третото издание на фестивалот за илустрација и книжевност за деца „Литера“ ќе започне од 3 јуни, со отворањето на изложбата на илустрации за деца од македонскиот илустратор Младен Туниќ.

На изложбата која ќе се одржи во Чифте амам, ќе бидат претставени илустрациите на Туниќ објавени во детски списанија, книги, но и романи за возрасни.

Младен Туниќ е роден во Призрен во 1930 година. На пет години неговото семејство се преселило во Скопје, каде тој го завршил основното образование во ОУ „Браќа Миладиновци“. Талентот за цртање од мал го одвел во средното Училиште за применета уметност, каде се запишал во 1945 година, на отсек сликарство. Тој им припаѓал на првите генерации ученици на ова училиште.

Неколку години по завршувањето на средното образование, почнал да работи во весникот „Нова Македонија“, како ликовен уредник – илустратор.Тој е еден од основачите на „Детска радост“, а бил одговорен ликовен уредник на сите детски списанија во издание на оваа издавачка куќа – Росица, Другарче, Развигор. Кога бил основан весникот „Вечер“ во 1963 година, Туниќ бил ликовен уредник. Тој е автор на логото на „Вечер“.