„МалеМале“ – првиот книжевен фестивал во Малешевијата на 30 јули

На 30 и 31 јули во во Берово и Пехчево ќе се одржи Книжевниот фестивал „МалеМале“.

Организаторите велат дека ова е прв книжевно-уметнички фестивал во Малешевијата, кој сакаат да прерасне во традиција.

„На првиот книжевно-уметнички фестивал ќе гостуваат познати писатели, уметници и музичари, чии дела ќе бидат претставувани низ дводневната фестивалска програма. Програмата ќе содржи изложба, поетски читања, книжевни промоции, слем-поетување и музички настапи. Фестивалот ќе се одржува во Берово и Пехчево, и покрај настапите на уметниците ќе создаде можности за интерактивно вклучување и на присутната публика. Со надеж дека ќе прерасне во традиција, „МалеМале“ има за цел да го развигори културно-уметничкиот дух во Малешевијата и да послужи како потстрек за слични иницијативи од ист или сличен карактер“, најавуваат организаторите на Фестивалот.

Настанот ќе започне на 30 јули од 20 часот во „City Pub“ во Берово, а следниот ден се сели во Пехчево, каде од 13 часот ќе има поетско читање во природа.

На настанот најавени се поетски читања од Владимир Мартиновски, Никола Маџиров, Тихомир Јанчовски, Тања Аждаја, Перица Сарџоски, Владимир Лукаш и Ана Голејшка Џикова.

Повеќе информации за Фестивалот може да најдете на следниов ЛИНК.