„Фантазија апасионата“ со врвниот австриски виолинист Бенџамин Шмид

„Фантазија апасионата“ е насловот на претстојниот симфониски концерт кој ќе се одржи во четврток (21 март), во Македонската филхармонија, во 20 часот.

Под диригентската палка на инспиративниот диригент од Холандија, маестро Конрад ван Алфен, ќе бидат изведени дела од македонскиот композитор Владимир Николов, премиера на неговата „Jasmine Flowers and Red Chestnuts“, од белгискиот композитор Анри Виетан – Концерт за виолина и оркестар бр. 5, како и премиера на неговата „Фантазија апасионата“, од каде потекнува и насловот на концертот, и Симфонијата бр. 3 наречена „Шкотска“ од Феликс Менделсон.

Како солист, овој пат ќе се претстави австрискиот виолинист Бенџамин Шмид, кој се смета за еден од најпопуларните европски виолинисти за кого се снимени неколку документарни и концертни филмови, а кои го прикажуваат неговиот исклучителен статус како музички уметник.

„Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат“, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Тој е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. В

Австрискиот виолинист Бенџамин Шмид е роден во Виена, пораснал во Салцбург, каде што денес живее, и поседува широк репертоар изведувајќи дела од различни музички епохи. Покрај стандардната програма, тој ги изведува и концертите за виолина од современи автори како што се Хартман, Гулда, Корнголд, Шимановски, Лутославски или Регер. Препознатлив е, а и се издвојува од другите виолинисти по неговите извонредни вештини во совладувањето на техниките на музиката на 20 век, како и во џез-импровизацијата.