ЕСЕ: Не функционира механизмот за слободен пристап до информации од јавен карактер

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ преку онлајн-петиција алармираат за нефункционалноста на механизмот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Во петицијата се вели дека тоа се должи на одложувањето на изборот на членови на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до инфорамции од јавен карактер, како и на пролонгирањето на процесот на трансформација на Комисијата во Агенција.

„Без функционирање на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, граѓаните го немаат сојузникот во обезбедување на информации за работењето на јавните институции, односно ова би значело дека истите нема каде да се пожалат доколку јавните институции не им обезбедуваат информации со што ги оневозможуваат да го остварат своето уставно загарантирано право“, се вели во петицијата на Здружението „ЕСЕ“.

Оттаму бараат Собранието во најкраток можен рок да именува директор и заменик директор на Агенцијата, со кое што велат ќе се создадат основни услови за нејзино функционирање.