Енергетските компании бараат цената на струјата да поскапи за 27 отсто од 1 јануари

Доколку се прифатат барањата од енергетските компании, цената на електричната енергија од 1 јануари ќе се зголеми за 27%, но дали и колку ќе има зголемување ќе покажат деталните анализи, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Марко Бислимоски.

Од РКЕ посочија дека ги добиле барањата за определување на нови тарифи на АД МЕПСО Скопје, Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје и МЕМО ДООЕЛ Скопје, додавајќи дека станува збор за три од пет елементи што ја сочинуваат крајната цена и врз кој РКЕ има надлежност да ги утврдува.

„Сега влегуваме во процес во кој што детално ќе се скенираат сите трошоците на овие три компании и Ве уверувам дека ќе бидат прифатени и одобрени само оние ставки што ќе овозможи стабилна и сигурна испорака на електрична енергија исклучиво по принцип на домаќинско работење“, изјави Бислимоски.

Откако РКЕ ќе ги соопшти тарифите за МЕМО, МЕПСО и Електродистрибуција, под целосен надзор на РКЕ согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета и соопшти крајна цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри, велат од РКЕ.

Од 1 јануари, од регулаторната комисија се децидни дека ќе се заокружи процесот на транспарентна сметка со тоа што во месечната фактура освен цената на електрична енергија и цената за мрежарината – во која што влегува пренос и дистрибуција, ставката за дистрибуција ќе се раздвои и со подставка пристап до мрежа.

Професорот на Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) Рубин Талески вели дека станува збор за порано употребуваниот принцип за сијалично место – пристап до мрежа.

„Практично тоа значи дека најголем број на потрошувачи ќе добијат пониски сметки за мрежарина, додека оние кои користат викендички ќе плаќаат за пристап до мрежа. Со оваа реформа ќе се закружи процесот на фер сметки и ќе се обезбеди правична распределба на трошоците меѓу оние кои редовно ја користат мрежата, од другите кои тоа го прават повремено, како во викендичките, или пак поради тоа што користат сопствено производство на струја од фотоволтаици“, вели Талески.