Парното во Скопје ќе поскапи за 4.5 отсто

Цената на парното греење во Скопје од утре (1 ноември) ќе поскапи за 4.51 отсто, соопшти денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Станува збор за потрошувачите кои што се приклучени на системот на ЕСМ.

Според пресметките на регулаторната комисија, тоа значи дека просечната сметка од 1.800 денари ќе биде зголемена за 80 денари. Од РКЕ посочија дека бараното зголемување на цената за испорачаната топлинска енергија на потрошувачите била над 50%, додека комисијата одобрила 4.51%.

„Со овие одлуки цената за граѓаните останува во опсег стабилна, а трите компании на ЕСМ за снабдување, дистрибуција и производство на топлинска енергија се практично приморани што побрзо да го стават во функција топловодот Беласица за системот да работи економично и во целост да ја користи топлинската енергија од ТЕТО. РКЕ со денешните одлуки, водејќи се од интересот на потрошувачите поставува финансиска рамка и праќа сигнал за максимално економично работење на ќерките фирми на ЕСМ. Со работата на ТЕТО и функционирањето на топловодот Беласица просечна сметка за топлинска енергија изнесува 1 800 денари, без работа на ТЕТО 2 800 денари, што е разлика во цена од 60 %“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Инаку, вкупно 64.000 домаќинства во Скопје се снабдуваат со топлинска енергија.