Еколошки организации: Да престанат инвестициите во јаглен и брзо ратификување на „Парискиот договор“

Повеќе еколошки невладини организации и иницијативи ги повикаа идните пратеници во македонското Собрание што поскоро да го ратификуваат глобалниот „Парискиот договор“,кој денеска стапува во сила и да овозможат негова ефикасна имплементација.

Мрежата за климатска акција во Европа, Аналитика, Еко-свест, Фронт 21/42, Милиеуконтакт, Македонски Зелен Центар и Гоу Грин од идните пратеници бараат и ревизија на Наменетите национално определени придонеси (INDC), во насока на вистинска заложба за намалување на емисиите без понатамошни инвестиции во јаглен. Најновата одлука за ТЕЦ Осломеј за поставување нов котел за согорување на увозен јаглен кој би работел најмалку 30 години е токму спротивното на оваа заложба, сметаат тие.

„Додека ЕУ до 2050-та година планира целосна декарбонизација на електроенергетскиот сектор ние во 2030-та планираме над 60% од енергијата во Македонија да доаѓа од јаглен. Со оглед на фактот дека енергетските проекти имаат животен век од 20-40 години, со постоечките планови ги осудуваме идните генерации во Македонија да ги плаќаат овие инвестиции со своето здравје, квалитет на живот и пари“ – изјавија од „Фронт 21/42“.

„Инвестициите во јаглен – и рудниците и термоелектраните – се мошне деструктивни за животната средина и за климата, истовремено намалувајќи го квалитетот на живот за сите граѓани. “Парискиот договор” ни дава патоказ за праведна транзиција кон одржливост, што освен напуштање на зависноста од јаглерод, значи и овозможување на подобар квалитет на живот за граѓаните на Македонија“, рече Невена Смилевска од „Еко-свест“.

“Крајно време е Владата и официјално да се повлече од инвестирање во јагленот и да ги пренасочи овие инвестиции во енергетска ефикасност и обновливите извори на енергија кои ги намалуваат емисиите на стакленички гасови и отвораат зелени работни места.„ – заклучи Антонио Јовановски од „Гоу Грин“.

„Парискиот договор“ стапува на сила само неколку денови пред започнувањето на конференцијата за климатски промени, која се одржува од 7-18 ноември во Маракеш, Мароко. Каде ќе се разговара за имплементација на Парискиот договор, односно мерките кои ќе овоможат драстично намалување на стакленичките емисии на гасови. Државите кои се уште не го ратификувале договорот, од правна гледна точка, нема да можат активно да влијаат врз одлуките донесени на оваа конференција.

“Македонија треба итно да го ратификува договорот од Париз, како би можела активно да се вклучи во дискусиите за мерките на имплементација на договорот и да се подготви за целосна имплементација и исполнување на целите кои произлегуваат од договорот. Исто така, од суштинско значење е до крајот на 2018 година да се ревидираат постоечките цели за намалување на емисиите на стакленички гасови, кои може да бидат значително поамбициозни, со оглед на потенцијалот на обновливите извори на енергија и енергетска ефикасност во Република Македонија “- порача Драгана Милеуснич од „Мрежата за климатска акција во Европа“.

Договорот за климатски променибеше усвоен во декември минатата година на глобалниот самит за климатскитепромени во Париз, со потпишување на над 190 земји, вклучувајќи ја и Македонија.