Едно од секои четири деца во ЕУ е во ризик од сиромаштија, предупредуваат активистите

Бројот на деца кој е во ризик од сиромаштија во Европската Унија пораснал за 200.000 во 2021 година и стигнал до 19,6 милиони, велат од невладината организација „Save the Children“.

Нивниот извештај, кој беше објавен денеска, покажува дека едно од секои четири деца во Унијата се наоѓал во ризик од сиромаштија и социјална исклученост на крајот на 2021 година поради комбинација на повеќе фактори, како цените на живот, климатската криза и пандемијата со КОВИД-19, што резултираше со загуби на заработувачката на голем број семејства.

Ерик Гробхаус, менаџер за детска сиромаштија и социјална нееднаквост во германскиот оддел на „Save the Children“, оваа цифра ја опишува како „катастрофална“ и ја повика Германија, која е одговорна за 10% од децата кои живеат во сиромаштија во ЕУ, да ги исполни ветувањата за справување со овој проблем, пренесува Еуроњуз.

Сепак, Романија и Шпанија се ЕУ државите кои имаат најголем процент од деца во ризик од сиромаштија, со бројки кои достигаат до 41,5% и 33,4%. Во меѓувреме најмал процент на детска сиромаштија се регистрирани во Финска и Словенија.

Ситуацијата во некои земји каде оваа невладина организација собрале податоци веројатно ќе се влоши поради руската инвазија врз Украина и негативните последици кои таа ги имаше врз цените на храната и енергенсите.

40 проценти од романските семејства, на пример, имале намалување на приходот во 2022 споредено со претходната година. Ова се случило и покрај тоа што нивните трошоци пораснале за 98%, тврдат од „Save the Children“.

Според извештајот најпогодени се деца-мигранти, бегалци, баратели на азил, деца без документи и без придружба. Истовремено, во ризик се и децата од еднородни семејства, сиромашни семејства, деца со попреченост и деца кои припаѓаат на етнички малцинства.

Од организацијата се надеваат дека имплементацијата на Европската детска гаранција ќе го превенира и ќе се справи со социјалната исклученост преку гарантирање на децата пристап до неколку клучни услуги, како: бесплатно предшколско образование и грижа, бесплатно образование, бесплатно здравство, здрава исхрана и соодветно домување.

Овој предлог беше воведен од Европската Комисија во 2019 година, а Советот ги прифати предложените препораки во јуни 2021. Сепак, само 19 од 27-те членки на ЕУ го доставиле Националниот акциски план кој мораа да го обезбедат до средината на март 2022 година.

„Европската детска гаранција е клучна за адресирање на растечката нееднаквост и обезбедување подобра иднина за милиони деца. Владите мора да обезбедат максимизирање на оваа историска рамка против детската сиромаштија и да ги користат националните акциски планови за нејзина правилна имплементација. Сега е време за смели одлуки и стратешко финансирање за проширување на заштитата и избегнување на кризите за сегашните и идни генерации деца“, стои во соопштението на „Save the Children“.