Европол да ги избрише личните податоци на лицата без досие

Истражување откри дека полициската агенција на Европската Унија собирала лични податоци на невини жители, по што на Европол му беше наредено да ги избрише сите информации на индивидуалците кои не направиле никакво кривично дело, пренесува „Euronews“.

Ваквата наредба доаѓа од страна на ЕУ регулаторното тело за набљудување и заштита на лични податоци (ЕДПС). Оттаму наредиле Европол да ги избрише сите податоци што не во согласност со заштитните мерки за времетраењето на чувањето на личните податоци, според кои податоците може да се чуваат само шест месеци доколку не може да се докаже криминална активност.

Од регулаторното тело истакнале дека наредбата кон Европол ја издале на 3 јануари, постапувајќи по информации добиени во 2019 година.

Oттаму дополнуваат дека пред две години го прекориле Европол за „континуирано складирање на големи количини на лични податоци, што претставува ризик за основните права на индивидуалците“.

Од регулаторното тело дополнително истакнуваат дека Европол оттогаш преземал мерки за стопирање на оваа практика, но не исполнил барањата за одредување соодветен период на задржување на податоците.

„Ова значи дека Европол ги чува личните податоци на невините индивидуалци подолго од што треба“, велат од регулаторното тело.

Полициската агенција сега има рок од 12 месеци да ги отстрани податоците кои не биле избришани до 3 јануари.

Од Европол не дале свој став за донесената одлука.