Двојка од младите за Агенцијата за млади и спорт

Младите не знаат што точно работи Агенцијата за млади и спорт (АМС), лоша оценка даваат за транспарентноста на  оваа институција, а се незадоволни и од тоа колку нејзините активности навистина соодветствуваат со потребите на младите. Просечната оценка која ја даваат за овие сегменти е под 2,5, покажа првото истражување за мониторингот на работата на АМС кое денеска го промовираше Младинскиот образовен форум.

Истражувањето се однесува на периодот од 2014 до 2016 година, со фокус на Агенцијата како носител на креирањето и спроведување на младинските политики. Анализата покажува дека соработката меѓу АМС и другите институции била на ниско ниво, со малку заеднички проекти и без уредна документација за активностите. Агенцијата имала константна соработка единствено со Министерството за образование и наука, како и одредена соработка Министерството за информатичко општество и администрација, за култура и со Агенцијата за вработување. Истовремено и соработката со младинските организации била посебно слаба.

„Во минатите години агенцијата делувала сегрегирачки кон младинските органзации и соработувала само со малку од нив. Од 2014 до 2016 Агенцијата имала потпишано само 11 меморандуми со 6 организации што е мал број за период од три години. Односот на агенцијата кон младите и општата јавност придонел да биде перцепирана како „агенција за спорт“ која ги исклучува младите од своето делување“, велат од МОФ.

Според препораките на истражувањето Агенцијата треба да го зајакне секторот млади, да ја ревидира стратегијата за млади и да започне квалитетен процес за креирање на акциски план за млади за 2018-2019. Агенцијата треба воспостави и модели за поддршка на младинските организации.

„Нашите препораки се во иднина Агенцијата да ја зајакне транспарентноста кон јавноста, преку објавување на извештаи, програми, планови и информации за тековни активности. Важно е да има систем за соработка меѓу Агенцијата за млади и спорт, младинските организации и други институции, за координирано и систематски да работат на полето на младите “, вели Мартина Илиевска од МОФ.

Гордана Цекова од Агенцијата за млади и спорт, го поздрави истражувањето и интересот за работата на АМС, посочувајќи дека се свесни за недостигот на соработка на младите со Агенцијата.

„Знам дека не ги задоволуваме потребите и очекувањата на младите во државата за соработка од причина што ни во претходната влада, ни во сегашната, не е приоритет финансирањето на проекти што претставува еден од основните проблеми на младинскиот сектор за нивно функционирање. Но, тоа не значи дека соработката со невладиниот сектор треба да застане, туку дека треба да се најдат соодветни начини за идна соработка“, рече Цекова.

Истражувањето МОФ го реализираше од јуни 2017 до јануари 2018, со фокус на соработка со младински организации, соработка со државни институции, правна рамка, внатрешно уредување и работење и перцепцијата на младинските организации и младите.