Државните студентски домови чекаат насоки за „новата нормалност“ во објектите

Државните студентски домови во Скопје, Битола и Штип веќе два месеци се празни откако Владата донесе одлука да се затворат поради пандемијата на Ковид-19. Но, со олабавувањето на мерките и најавите за јунска испитна сесија, се отвори прашањето колку и дали овие објекти се спремни да одговорат на т.н. „нова нормалност“. Тие се уште немаат насоки од Комисијата за заразни болести и Владата за тоа како ќе треба да функционираат во блиска иднина, ако се утврди дека е потребно.

Според Мите Наковски, директорот на студентскиот дом „Браќа Миладиновци“ во Штип, тие досега не добиле посебен протокол по кој би работеле периодов, но уверува дека ако добијат, ќе го следат колку што им се можностите, иако како што нагласи, ги немаат премногу.

„Ние двор немаме, имаме само еден ходник. Не може ни да размислуваме за дистанца, бидејќи немаме просторни услови за дистанца“, забележа тој, додавајќи дека во собите во „Браќа Миладиновци“ престојуваат по четворица студенти.

Но, затоа пак, уверува дека направиле целосна дезинфекција на домот, а во него периодов влегуваат само вработените кои како што посочи Наковски, ротираат во смени.

Во битолскиот „Кочо Рацин“, пак, веќе почнале да ги разгледуваат опциите како би можеле да се прилагодат на новите услови, во јавните простории и трпезаријата. Но, директорката на домот, Соња Карапец, нагласи дека не може да делуваат додека нема одлука од Влада и не добијат конкретни насоки од надлежните.

„Ние направивме разместување на масите за ручење со дистанца, да биде сам човек на маса. Пробавме да видиме како ќе биде, но каде што се сместени студентите во блоковите, тоа треба Комисијата да одлучи“, вели таа.

Карапец напомена дека тие се во постојана комуникација со ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, а во меѓувреме редовно ги дезинфицираат јавните површини и тоалетите во студентскиот дом. Студентите, пак, со претходна најава и заштитна орема како маска и ракавици, се уште може да го посетатат домот за да земат книги или најнеопходни предмети кои им останале.

Собите во „Кочо Рацин“ имаат капацитет до тројца студенти, но Карапец вели дека се размислувало и за опцијата да се распределат студенти во празни соби, ако тоа се побара од нив.

И скопските студентски домови „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“ и Кузман Јосифовски-Питу“ се празни периодов. Според директорот на Државниот студентски центар, Дарио Николовски, тие ги искористиле сите ресурси за да бидат спремни доколку се донесе одлука повторно да се отворат. Но, како своите колеги од Битола и Штип, и тој очекува протокол за да може да делуваат подетално.

„Дезинфицирани се сите студентски домови, се уредуваат дворовите, внатрешните површини каде е најмногу потребно, течат и покрупните проекти. Она што е наша обврска, реализирано е“, информира Николовски.

Сместувачкиот капацитет на собите во „Гоце Делчев“, Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ варира, па така, некаде има и сами што се во соба, а некаде и до четворица студенти.

Слична е и ситуацијата во студентскиот „Пелагонија“. Директорот Демир Хамити вели дека се спремни и ако се донесе одлука за нивно повторно отворање, тие ќе може да одговорат на новите потреби.

„Правиме дезинфекција, имаме договор со Центар за јавно здравје да доаѓаат редовно. Пак ќе го правиме тоа ако треба кога ќе дојдат студентите. Ние сме спремни студентите пак да дојдат“, уверува тој, нагласувајќи дека имаат опција за двајца и тројца да престојуваат во соба.

Од Министерството за образование и наука, пак, се скептични дека деновиве повторно би се отвориле домовите. Оттаму за Радио МОФ истакнаа дека додека нема препорака од Комисијата за заразни болести и одлука од Владата, тие не може да се отворат.

УСС-УКИМ: Студентските домови да работат во текот на целото лето

Од Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ побараа отворање на студентските домови во текот на целото лето, со воспоставување најстроги протоколи за заштита од Ковид-19.

„Студентите кои се сместени во студентските домови ќе имаат потреба од нивните сместувачки капацитети во текот на целиот летен период, како би можеле да присуствуваат на практичната настава и испитните сесии кои ќе се одвиваат во месеците јуни, јули, август и септември. За таа цел, бараме студентските домови да работат во текот на целото лето, со посебен режим кој ќе ја гарантира безбедноста на студентите кои престојуваат во студентските домови“, бараат од УСС-УКИМ.

Тие дури предлагаат строги казни за оние кои нема да го почитуваат протоколот, односно да добијат најстрога дисциплинска мерка – исклучување од студентскиот дом.

Емилија Петреска