Донаторски настан „Светло. Камера. Акција! за активни и вклучени млади“ во Битола

На 16 март, во 17 часот, во Малата сала на Центарот за култура Битола, ФОРУМ 16 ќе го организира донаторскиот настан „Светло. Камера. Акција! за активни и вклучени млади“.

На овој настан:

  • ќе се дискутира за важноста на филмот за граѓанското учество со гостите говорници Сашо Н. Алушевски и Ана Алексовска;
  • ќе се прикажат дел од филмовите изработени на Кино Кабаре Битола 2018 и ќе се слушнат искуствата на дел од минатогодишните учесници;
  • публиката ќе има можност да добие директни информации за овогодинешниот настан Кино Кабаре Битола кој е планиран за периодот од 2 до 8 април;
  • присутните ќе имаат можност за време на коктелот да се поврзат со спонзорите и поддржувачите на Кино Кабаре Битола 2019.

Заинтересираните граѓани ќе можат да купат билет за овој настан по цена од 100 денари и на тој начин и тие ќе можат да помогнат за едукација за човекови права и изработка на краток филм на 20-тина млади луѓе од земјава. До овој момент, 11 компании дадоа поддршка на организацијата на Кино Кабаре Битола 2019 во вкупна вредност од околу 152.000 денари.

Овој настан е една од активностите на проектот „Градење капацитети за менаџирање на настани за собирање средства“ кој го спроведува Здружението за граѓански активизам ФОРУМ 16 – Битола во рамките на програмата за доделување грантови на проектот „Промени за одржливост“ финансиран од Европската Унија, спроведуван од Конект во партнерство со Фондација Аполонија и Центарот за даночна политика.