ДИЖС: На 30 декември пак ќе се мери колку загадува фабриката „Пејпер Мил“ во Кочани

На 30-ти декември ќе биде следното мерење на емисиите што ги испушта фабриката за хартија „Пејпер Мил“ од Кочани, соопшти Државниот инспекторат за животна средина, откако по првиот вонреден надзор над инсталацијата на 4 ноември и двете мерења (на 13.11.2020 и 02.12.2020) констатираа надминување на дозволените вредности.

„Промените во процесот и опремата што во меѓувреме ги правеше инвеститорот, не дадоа резултат. Предложена е казна од 20.000 евра, со Решение е наредено да се врши редовно мерење на емисиите, а Пејпер Мил се обврза да инвестира во вреќаст филтер поради повеќекратно намалување на емисиите. Наредното мерење на емисиите е на 30-ти декември. Доколку со ова мерење се докаже надминување на граничните вредности, ќе се нареди инсталацијата да престане да го користи котелот на пелети и да премине на плин. Во спротивно ќе се забрани работењето, се до обезбедување на филтерот и водење на процесот на начин на кој нема да се загадува Кочани“, соопштија од Инспекторатот.

Во саботата жителите на Кочани излегоа на протест пред фабриката за хартија за да алармираат за проблемот кој го прави, како што велат, најголемиот загадувач во градот. Тие побараа затворање на „Пејпер Мил“ се додека не почне да користи еколошко гориво и да работи според прописите.