Детско театарско попладне на 11 јуни со Буден театар

На 11 јуни, понеделник, Буден Театар ќе им приреди на децата театарско попладне во МКЦ Клуб Ресторанот, прикажувајќи две претстави од својот репертоар, музичка работилница и изложба на фотографии.

Од 18 часот децата ќе имаат можност да ја погледнат претставата во движење „Палечка Малечка“, од 19 часот да музицираат под водство на Владимир Мартиновски. Во 20 часот, пак, ќе биде одиграна интерактивната претстава „Писмо некому“.

„Во терминот од 19 воедно ќе биде прикажана и дигиталната изложба на Кирил Шентевски, која ги доловува миговите од неодамна одржаната турнеjа на Буден Театар во Ресен, Кратово и околните села“, соопштува Буден театар.

Дечињата од Скопје кои сакаат да бидат дел од театарското попладне на Буден Театар, можат да ги резервираат своите влезници на budnipretstavi@gmail.com.

Цената на влезница за целиот настан изнесува 200 денари, додека цена за поединечна претстава 150 денари.

Инаку, оваа турнеjа беше дел од проектот „Триаголници на Соработка”, кој е поддржан од Амбасадата на Швајцарија во Република Македонија/ Швајцарската агенција за развој и соработка, преку кој Буден Театар цели кон подигање на квалитетот и ферквентноста на културните програми наменети за деца во помалите градови и руралните области.

„Преку менторска програма проектот ги подига локалните капацитети за реализирање културни програми за деца, и воедно воспоставува триаголен модел на соработка град-село-село. Проектот се спроведува во два одбрани триаголници Ресен-Крани-Подмочани, и Кратово-Крилатица-Злетово. Учесниците во проектот поминуваат низ неколку фази на обука за спроведување културни активности за деца, а по секоја фаза имаат период на самостојно реализирање програми за деца. На овој начин Буден Театар работи на својата визија за достапни и квалитетни културни содржини за сите деца без оглед на нивната локација на живеење во Македонија“, велат од театарот.