Детска критична маса #5: Орце на Орце 

Изработка на ветерници, вртење педали по предвидена рута, едукација за проверка на точак, детски улични игри и дискусија со дечиња за сообраќај, се дел од содржините предвидени во склоп на Детската критична маса #5.

Настанот ќе се одржува оваа сабота од 11:30 часот, со старт пред Центарот за странски јазици.

Иницијативата е во организација на НаТочак, „Педала“, „Никулец“ и „Ветерница“, кои потенцираат дека улиците се место за луѓето, особено маалските.

„Автомобилите треба да се гости, а не домаќини, особено на маалските улици.  А предност имаат децата, нивните чекори и нивната слободна игра“, велат тие.

Нагласуваат дека на улиците не е доволно само да се стави знак за Зона 30, или знак за Зона школо или Зона на смирен сообраќај. Треба да се ослободат тротоарите од возила и некаде и да се прошират, да се воведат велосипедски ленти секаде каде што може и да се смират брзините на автомобилите, со соодветни издигнувања, искривувања на коловозот, мини кружни текчиња…

„Начини има, но треба да се такви и вредностите. Да се стави приоритет на безбедноста и заштитата на децата. Децата на Скопје се чини како да немаат право на безбедно движење дури ни до школите, а не па нешто повеќе. Овој град (тоа ги вклучува сите општини, институциите и граѓаните) се грижи да има повеќе бесплатни места за паркирање, отколку: простор за здрави навики, движење со пешачење и возење точак, имање здраво детство. Скопје не е град пријателски за деца, но ние тоа сакаме да стане и веќе 5-та година по ред преку одржување на детската Критична Маса и пропратни активности ја промовираме таа заложба“, соопштуваат организаторите.

Овој петти настан е инспириран од проблемите по текот на улицата „Орце Николов“, низ Дебар Маало, низ Центар и Карпош, но истите проблеми, велат тие, се однесуваат и на многу други делови од градот: брз моторен сообраќај, окупирани тротоари, небезбедност, скратено право на движење на ранливите учесници во сообраќајот.

Со овој настан сакаме да истакнеме и оживееме 2 заборавени функции на улиците:
-улиците како место за безбедно движење: безбедно пешачење и возење точак за сите генерации, за движење на децата, повозрасните, за детски колички
-улиците како место за социјални контакти, за безбедно и пријатно среќавање, за маалско квалитетно живеење. Ќе возиме точачиња со децата на Детска Критична маса, ќе пишуваме пораки за безбедност, ќе играме улични игри и ќе се едуцираме.Ги повикуваме сите комшии од маалото, но и од пошироко да ни се придружат во нашето ‘орце’ со точачиња на Орце“, соопштуваат здружените иницијативи и организации.

Агенда за сабота:
11:30 пред Центар за странски јазици и Ветерница (за оние со точачиња)
-Подготовки за Критична маса, изработка на ветерници

12:00 по предвидена рута (за оние со точачиња)
-Детска Критична Маса #5

13:00 околу „Јас и ти“ во срцето на Дебар Маало (за сите)
-едукација за проверка на точакот
-дискусија со дечињата за сообраќајот
-детски улични игри
-пишување и цртање за безбедност
-потпишување иницијатива за безбедна улица
-маалска дружба