Во летното кино на Кинотека на Македонија, во склоп на Скопје филм фестивал, а во соработка со Stichting art. 1, ќе се одржат „Денови на квир кино“.
На агендата за денес од 20 часот е документарниот филм „Марш за достоинство“, кој следи мала група ЛГБТИ + активисти во Тбилиси, Грузија додека се обидоа да го спроведат првиот марш на гордоста во земјата. Тие се соочуваат со огромно противење од екстремно десничарските групи, владата и грузиската православна црква кои имаат историја на поттикнување насилни напади врз ЛГБТИ + заедницата.
За утре од 20 часот ќе има проекција на „Тивок глас“. Се работи за приказна за младиот и надежен чеченски борец во мешани боречки вештини Хавај, кој мора да побегне од Чеченија во Брисел кога неговиот брат ќе ја открие неговата хомосексуалност и ќе му вети дека ќе го убие. Во епизода на тишина, младиот човек наоѓа утеха во Планетариумот, меѓу тишината на вездите.
Во Кинотека денес и утре од 21:30 часот ќе има и премиера на два кратки филма од програмата Impact Your Doc.
Денес е „Лили“ на Ана Андоновa, која го истражува животот на азербејџанскиот небинарен квир артивист Лили, кој преку својата уметност зборува за фемицид, родова еднаквост и насилство врз жените и транс лицата.
За утре е најавен „Столче“ на Шекутовска. Ова е експериментален краток игран филм, снимен главно со кадар-по-кадар анимација, што се обидува да ја зголеми свеста за менталното здравје. Инспириран од трагичен вистински настан, ја раскажува приказната за една тинејџерка и покажува како една многу мала промена одеднаш може да предизвика големи промени.