Омаж за композиторот Томе Манчев во среда во Кинотека

Во среда (27 април) со почеток од 20 часот во Кинотека на Северна Македонија  ќе се одржи настанот „По стапките на… проф. д-р sci Томе Манчев“ кој претставува своевиден омаж на ликот, делото и значењето на неодамна починатиот, исклучителен македонски композитор Томе Манчев, информираат од Кинотеката.

Оттаму велат дека неговото мото било да се создаде високо квалитетно и уметничко дело со моќна експресија, односно, високо ниво на психоенергија, совршено композициско-техничко обликување, но и дело што ќе успее да го „предаде“ како граѓанин на Македонија.

„Всушност, дејноста преку која овој композитор ќе остане особено запаметен е неговата педагогија на сите степени на образование – од средно образование до докторски студии. Омажот е симболично навраќање конципирано преку делата на неговите студенти по композиција. Составен е од композициски начела на сега веќе реномирани творци, поранешни студенти по композиција, дела создадени под менторство на проф. д-р sci Томе Манчев“, стои во најавата за настанот.

Музичките композиции кои ќе се изведат на настанот се „Исон – симфониска поема“ на Валентина Велковска Трајановска, „7 Звуци на Осаменост – 7 Афоризми за Пијано“ на Горан Начевски, „Allusioni Marini“ на Михајло Штерјев, „Симфонија бр. 15“ на Вулнет Таири и „Concert Etudes for Piano and Symphonic Orchestra“ на Борис Светиев.

Омажот на Манчев е посветен од неговите докторанди, поширокото семејство и почитувачи на неговата музика и дејност.