Дебата за државна помош за печатените медиуми

Државата да плаќа половина од трошоците за печатење и дистрибуција на печатените медиуми како поддршка за нив, предлага Здружението на печатени медиуми (ЗПМ). При доделувањето на поддршката да се почитуваат строго утврдени критериуми. Од поддршката да бидат исклучени печатените весници кои се бесплатни и специјализираните тематски изданија.

Ова е првичниот предлог врз основа на кој денеска се водеше дебата за начинот како да им се помогне на печатените медиуми, организирана во Владата на РМ.

Министерот за информации и отчетност Роберт Поповски, истакна дека ова е само предлог доставен од Здружението, кој може да биде дополнуван. При изготвувањето на решението ќе се земат предвиди сите искажани мислења.

– Целта на решението за поддршка е да им се помогне на печатените медиуми кои плаќаат највисока цена од развојот на нови медиуми и социјални мрежи. Во никој случај тоа не е начин за влијание и контрола на медиумите, рече Поповски. Додаде дека кај Владата има дилема дали да се поддржи печатен или продаден тираж.

Претставникот на ЗПМ Лирим Дулови истакна дека доколку се помагаат и бесплатните весници со тоа би се нарушила лојалната конкуренција, затоа што тие имаат поголем тираж и можат да привлечат повеќе реклами. Државна поддршка за бесплатни весници, рече, нема никаде во европските земји.

Антонио Спасев од бесплатниот весник Скопско Ехо смета дека овој предлог е спорен, зашто и тие плаќаат ДДВ на сите печатени примероци. И ние, рече тој, се бориме да опстанеме во овие услови, а некој сака да не добиеме поддршка во таквата борба.

Дека во привилегирана положба не би биле бесплатните весници смета и Слободанка Јовановска од дневниот Независен весник. Ако некој плаќа трошоци за 5.000 тираж, а некој за 30 илјади, тогаш, рече таа, ќе добие поддршка за половина од реалните трошоци и во едниот и во другиот случај. Не гледам каде е тука нелојалната конкуренција, потенцира таа и праша зашто ако е толку лесно да се одржува бесплатен весник, сите не станат бесплатни.

Претседателот на Здружението на новинари Насер Селмани истакна дека ова решение за поддршка на печатените медиуми е добро и оти се темели на европски искуства за што ЗНМ направило и анализа. Бидејќи парите се даваат за реални трошоци за печатење и за дистрибуција, рече, поддршката нема да значи влијание на уредувачката политика.

Поддршката за печатените медиуми, беше речено на дебатата, произлегува од препораките на Прибе. Како државна поддршка за печатените медиуми би се издвојувале околу милион евра годишно.

Во Буџетот за 2018 година, како што информира Поповски, не е предвидена ваква ставка, но тоа би можело да се изнајдат со евентуален ребаланс на Буџетот кој би се правел наредната година.

Во Здружението на печатени медиуми членуваат Слободен печат, Вечер, Коха, Нова Македонија, Фокус, Шења, Лајм, Капитал, Прилепски зенит и Штипски класал и Битолски весник.

МИА