ЦИВИЛ: Стоп за хомофобијата!

Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата не смее да претставува само една централизирана кампања, туку да се искористи моментот за преземање на акција. Во Македонија, за жал, и покрај минималниот напредок за правата на ЛГБТИ лицата, се уште се соочуваме со сериозни предизвици, соопштува ЦИВИЛ – Центар за слобода.

Од организацијата потенцираат дека Mеѓународниот ден за борба против хомофобијата, трансфобија и бифобија, 17 мај, за прв пат се одбележува во 2004 година со цел да се привлече вниманието на креаторите на политики и јавно мислење, општествените движења, јавноста и медиумите за насилството и дискриминацијата со која се соочуваат ЛГБТИ луѓето на меѓународно ниво.

„Изборот на датумот не е случаен, туку е избран за да ја одбележи одлуката на Светската здравствена организација од 1990 година кога хомосекуалноста е декласифицирана како ментално растројство. Оттогаш помина повеќе од една деценија, а 17 мај остана единствениот најважен датум за мобилизација на ЛГБТИ заедниците на светско ниво“, соопштува ЦИВИЛ, потенцирајќи дека принципот на еднаквост и недискриминација е основен елемент во заштитата на човековите права.

Од организацијата дополнуваат дека хомофобичните дела, систематското кршење на основните права на припадниците на ЛГБТИ заедницата се секојдневни, а многу често овие појави се поддржани од самите власти чија должност е да ги заштита своите граѓани од каква било дискриминација.

„ЦИВИЛ останува на ставот дека првиот чекор во одбрана и заштита на правата на ЛГБТИ лицата е подобрување на нивниот општествено политички статус. Конечно, мора да се работи на казнивоста на прекршителите на правата на овие лица. Државата и институциите не смеат да бидат поттикнувачи на ваквите дејства. Напротив, нивна должност е да помогнат во примената на Законот за заштита од дискриминација и говор на омраза, со негување на различностите, а не на култот на чиста и еднострана нација. На крај, институциите се должни да негуваат култура на прифаќање и да се борат против стереотипите“, велат од ЦИВИЛ.