ЦИВИЛ: Нападнат наш активист во Ѓорче Петров

Среде бел ден, лицето С.М., истакнат член на ДУИ во општина Сарај, физички нападна активист и член на ЦИВИЛ. Инцидентот се случи вчера, на 1 ноември, во близина на кружниот тек во Ѓорче Петров, во 14 часот, соопшти ЦИВИЛ – Центар за слобода.

Според ЦИВИЛ, напаѓачот го забележал нивниот набљудувач во Ѓорче Петров во текот на вчерашниот ден и, како што велат, дивјачки го нападнал со тупаници, по што набљудувачот се здобил со повреди констатирани од здравствена установа.Потенцираат дека ја обезбедиле потребната документација и случајот е пријавен во полиција во текот на вчерашниот ден.

„ЦИВИЛ ја информира јавноста дека се работи за напаѓач кој е влијателен член на владејачката партија ДУИ, кој се дрзна среде бел ден да го нападне нашиот набљудувач, само затоа што одговорно ја вршел својата задача како акредитиран набљудувач на ДИК и овластен член на мониторинг тимот на ЦИВИЛ“, велат од организацијата.

Како што тврдат од ЦИВИЛ, напаѓачот е член на избирачкиот одбор во с. Ласкарци, а причината за нападот врз нивниот член е токму тоа што тој бил набљудувач, акредитиран од Државната изборна комисија и овластен од ЦИВИЛ, за набљудување на локалните избори на избирачкото место каде што напаѓачот бил член на избирачкиот одбор.

„Уште на денот на гласањето, на 29 октомври, напаѓачот отворено им се заканувал на набљудувачите на ЦИВИЛ, поради што тие беа повлечени, а јавно, на прес конференција, релевантните институции беа повикани да реагираат. Имено, во текот на изборниот ден, на 29 октомври, во 13:30 часот, ЦИВИЛ ги повика ДИК и МВР да преземат мерки да го заштитат изборниот процес во с. Ласкарци. Дали тоа се случи, немаме повратна информација, но вчерашниот напад доволно кажува како стојат работите“, стои во соопштението на организацијата.

ЦИВИЛ го осудува овој, како што велат, дивјачки чин и категорично бара од институциите на државата да го заштитат нивниот член и неговото семејство од понатамошни притисоци и закани по нивната безбедност.

„Напад на член на ЦИВИЛ е напад на целата организација! Воедно, тоа е и напад на Државната изборна комисија и воедно претставува груб напад на целиот изборен процес и демократијата воопшто“, соопштува ЦИВИЛ.