ЦИА објави речиси 13 милиони страници на декласифицирани документи онлајн, има и за Македонија

Околу 13 милиони страници на декласифицирани документи од Централна разузнавачка агенција на САД (ЦИА) се објавени на интернет.

Документите вклучуваат истражувања за НЛО и психички експерименти од програмата „Старгејт“, кој одамна е интерес на заговори.

Овој потег следи по долги напори од здруженија кои се залагаат за слобода на информирање и тужба против ЦИА.

Целосната  архива е составена од речиси 800 000 датотеки. Тие претходно биле достапни самo на четири физички компјутери кои се наоѓаат во задниот дел на библиотеката на Националниот архив во Мериленд, од 9 до 16:30 часот секој ден.

Во колекцијата можат да се најдат документи од 1940-та до 1990-та година и се однесуваат на раната историја на ЦИА, Студената војна, Виетнам, Проектот берлински тунел, Корејската војна, шпионските авиони У-2, развојот на тероризмот, како и детални извештаи за глобални воени и економски прашања. Но, има и документи кои се однесуваат и на случувањата поврзани со Македонија и Балканот.

Непрофитната група MuckRock, која се залага за слобода на информациите ја тужеше ЦИА со цел да ја принуди да ја објави колекцијата, процес кој траеше повеќе од две години.

Во исто време, новинарот Мајк Бест покрена онлајн кампања со која собра повеќе од 15.000 долари и со нив ја посети архивата за да ги испечати документите и јавно да ги објави, еден по еден, со цел да направи дополнителен притисок врз ЦИА.

Во ноември, ЦИА соопшти дека ќе ги објави материјалите, а целата декласифицирана архива сега е достапен на веб-страницата на Библиотеката на ЦИА.