Четврти смртен случај од коронавирус, регистрирани нови 22 заболени

Утрово почина 66-годишна жена од околината на Струга, која вчера заедно со нејзиниот сопруг биле дијагностицирани позитивни на коронавирус, информираат од Министерството за здравство (МЗ) додавајќи дека пациентката имала срцева болест, хронична белодробна болест и покачен крвен притисок. Во изминатите 24 часа, пак, се регистрирани нови 22 случаи од кои девет во Скопје, по три во Куманово и Струга, два во Тетово, Дебар и Прилеп и еден случај во Битола. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани денеска до 12 часот изнесува 241 лице.

„Според епидемилошката анкета, семејството на починатата жена непосредно пред прогласувањето на кризната состојба во Дебар (13 март) биле на гости во Дебар и имале контакт со еден од таму заболените доктори, а по сознанието дека и тој е позитивен на коронавирус, семејството било во домашна самоизолација. Откако се јавиле првите симптоми кај починатата, таа на 24 март закажала тестирање на коронавирус преку својот матичен лекар. Материјал за тестирање е земен на 26 март, а резултатите пристигнале во текот на вчерашниот ден“, соопштуваат од МЗ.

Заради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница, но како што информираат од министерството, до добивањето на резултатите вчера, пациентката не била примена во болница.

„Заради ова, Министерството најавува целосно ревизија на случајот за да се утврди дали има лекарски пропуст во овој случај“, додаваат од МЗ.

Во текот на вчерашниот ден, пак, направено е тестирање на персоналот на Клинката за кардиологија,  а сите тестови се негативни на коронавирусот.

Коронавирусите (CoV) се големо семејство на вируси кои предизвикуваат болести кои се движат од обична настинка до потешки заболувања (SARS-CoV, MERS-CoV). На 31 декември 2019 година, кинеските здравствени власти го известија СЗО за појава на кластер на случаи со пневмонија од непознат причинител во Вухан, Кина. На 9-ти јануари 2020 година, веќе беше идентификуван нов коронавирус, за кој генетското секвенционирање утврди дека припаѓа на родот бета-корона вируси. Новиот коронавирус (SARS-CoV2) е нов вид на коронавирус што претходно не бил идентификуван кај луѓето и предизвикува заболување наречено COVID-19. Откако голем број на земји во сите региони на СЗО регистрираа случаи, на 11.03.2020 генералниот секретар на СЗО прогласи пандемија на COVID-19.