„CareerHub“ – национална дигитална платформа за поврзување на работодавачите со младите луѓе

CareerHub“ е нова дигитална платформа која треба да ја олесни комуникацијата помеѓу младите кои бараат професионален ангажман и компаниите, но и институциите кој имаат потреба од млад кадар. Бесплатно може да ја користат лица кои се во потрага по работа, волонтерски или практикантски ангажман и сакаат да се вклучат во дигиталната економија, но и организации, институции и компании кои нудат вакви ангажмани. Платформата нуди можност за автоматско пресметување за тоа колку профилот на кандидатот одговара на барањата за конкретната позиција, а корисниците на платформата ќе можат да комуницираат преку пораки и да го оценуваат перформансот на другата страна.

Игор Димовски, од Националниот младински совет на Македонија кој заедно со Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии стои зад формирањето на платформата, појаснува дека на проектот се работело скоро осум години за да се детектираат и решат проблемите на младите луѓе.

„Еден од тие проблеми со кој за жал не се соочуваат само младите, е токму високата стапка на невработеност. Затоа, сакавме да обезбедиме платформа која ќе им обезбедува на младите, но и генерално на сите кои се во потрага по работен ангажман, пристап до различни видови ангажман и можности за кариерен развој“, вели Димовски за Радио МОФ.

Тој нагласува дека во процесот на креирање на платформата, биле вклучени идните кандидати и работавачи.

„Тие несебично обезбедија придонес и ги споделија своите идеи и предлози околу функционалноста и изгледот на CareerHub. Целта на овој инклузивен метод на работа беше да се обезбеди што е можно полесно и пофективно користење на платформата и од страна на кандидатите и од страна на работодавачите“, нагласува Димовски.

Засега, „CareerHub“ нуди позиции во неколку области, и тоа дигитален маркетинг, дизајн, видео продукција, програмирање, човечки ресурси, право, сметководство, како и е-бизнис. Но, Димовски вели дека со развивање на проектот, платформата ќе нуди и повеќе избор.

„Целта ни е во секој момент да нудиме актуелни и барани области и на тој начин да им помогнеме на оние кои бараат професионален ангажман, но и на компаниите, организациите и институциите на едноставен начин да дојдат до нови членови на нивниот тим, смета тој.

Димовски се надоврзува дека платформата која е отворена пред неполна недела, веќе има регистрирано работодавачи од приватниот, но и невладиниот сектор.

„Со оглед на овој мошне краток рок, рано е да се зборува за успешни приказни, но со оглед на бројот и профилот на рабодатавачи и на кандидати веруваме дека наскоро ќе можеме да споделиме многу успешни приказни“, вели тој.

Според него, она што ја разликува „CareerHub“ од сличните платформи е фактот дека таа ги обединува понудата и побарувачката на различни категории ангажман -практикантски, волонтерски, хонорарен и работен.

„На овој начин, значително се олеснува процесот на доаѓање до посакуваниот професионален ангажман за кандидатите и секако, процесот на зајакнување на работните тимови на компаниите, организациите и институциите. Дополнително, платформата автоматски пресметува и колку профилот на одреден кандидат одговара на огласот за конкретна позиција, што е мошне корисно и за кандидатите и за работодавачите“, заклучува Димовски.

И.С.