Кралството Бутан стана првата држава во светот која прогласи дека целата популација на бездомни кучиња е стерилизирана и вакцинирана по повеќегодишно инвестирање во програма за хуман третман на кучиња заедно со организацијата Humane Society International (HSI).
На церемонијата на формално затворање на проектот во главниот град Тимбу, премиерот Лотај Тсеринг соопшти за ова историско достигнување за благосостојбата на животните и човечкото здравје. Тој врачи плакета за признание на HSI, кои од 2009 година работат на проектот.
По почнување на проектот успешно биле стерилизирани и вакцинирани повеќе од 150 илјади бездомни кучиња, а истовремено биле ставени микрочипови на 32 илјади кучиња домашни миленици, пренесува World Animal News.
Според проценките во Азија има околу 300 милиони бездомни кучиња кои се соочуваат со глад, нетретирани болести, паразитски инфекции, ракови, повреди од сообраќајни несреќи како и директен прогон, нехуман третман и отстрел од страна на луѓето.
Без ефективни програми на стерилизација и вакцинација популацијата на бездомни кучиња може да се зголеми на неодржливи бројки, што го зголемува ризикот од ширење на беснило преку угриз од куче. Светската здравствена организација проценува дека околу 59 илјади луѓе годишно умираат од беснило, а најголемиот број случаи на оваа болест кај луѓето се резултат на гризнување од куче. Владите низ Азија рутински применуваат нехумани методи за контролирање на бездомните кучиња преку отстрел и масовно ставање во стационари.
Во 2009 година Владата на Бутан ја поканила HSI да започне програма за хуман третман на значителната популација на кучиња во земјата. Невладината организација започнала со пилот програма за стерилизирање и вакцинирање кучиња во главниот град, а оваа иницијатива подоцна се проширила на национално ниво. По успешното пилотирање, HSI обучиле 35 бутански ветеринари за високо квалитетни техники за стерилизација, а истовремено работеле на подигање на јавната свест за благосостојбата на кучињата и избегнување на конфликт меѓу луѓето и овие животни.