„Ако имаш место во срцето, имаш и во домот“ – кампања на ЈП „Лајка“ за посвојување бездомни кучиња

Јавното претпријатие „Лајка“ го објави почетокот на кампањата за промоција на посвојувањето бездомни кучиња. Кампањата симболично започнува утре, на 23-ти септември, Интернационалниот ден на вдомените кучиња.

Кампањата е под мотото „Ако имаш место во срцето, имаш и во домот“, со цел да ја зголеми стапката на посвоени кучиња, но и да ја подигне свеста на јавноста за работата на „Лајка“, градското јавно претпријатие за третман на улични кучиња.

„Имајќи ја предвид алармантноста на бројката на бездомни кучиња на нашите улици, идејата е оваа кампања дополнително да ги привлече потенцијалните посвојувачи на кучиња и поддржувачи на иницијативата“, соопштува јавното претпријатие.

Од таму велат дека кампањата „Ако имаш место во срцето, имаш и во домот“ на креативен начин ќе ја прикаже љубовта и лојалноста која кучињата ја даваат и преку употреба на интерактивни содржини, средби со поддржувачи и потенцијални посвојувачи, видеа, едукативни материјали, во континуитет ќе ги информира и едуцира граѓаните за придобивките од посвојувањето на бездомните кучиња.

„Главната цел на кампањата е вдомување на што поголем број на бездомни кучиња и реален придонес кон решавање на овој проблем, со конкретни резултати на крајот од кампањата“, се вели во соопштението на „Лајка“.

Согласно бројките од претпријатието, во просек месечно се вдомуваат 40 кучиња, минатата година се вдомени над 400 улични кучиња, а за оваа година се очекува бројката да биде уште поголема.