Британија и Грција влегоа во дипломатски спор поради мермерните статуи од Партенон

Поради скулптурите од Партенон изби дипломатски спор меѓу владите на Велика Британија и Грција.

Иако грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис требаше да се сретне со неговиот британски колега Риши Сунак во Лондон, од Владата на Велика Британија ја откажаа средбата во последен момент.

Овој дипломатски инцидент доаѓа еден ден откако Мицотакис во интервју за Би-Би-Си изјави дека треба да бидат вратени во Грција мермерните статуи од Партенон, кои се наоѓаат во Британскиот музеј.

Станува збор за скулптури кои на почетокот на 19-тиот век биле отстранети од храмот Партенон во Атина од британскиот војник и дипломат Лорд Елџин. Скулптурите потоа биле откупени од британската Влада во 1816 година и оттогаш се наоѓаат во Британскиот музеј. Овие мермерни фигури се дел од фризот направен од скулпторот Фидија, кој го красел храмот стар 2.500 години. Една половина од овие статуи се наоѓаат во Лондон, додека другата половина се наоѓаат во новиот Музеј Партенон во Грција.

Висок функционер од владејачката Кознервативна партија во Британија за откажувањето на средбата изјавил дека „по коментарите на Мицотакис во интервјуто, станало невозможно да се оствари средбата на премиерите“.

„Нашата позиција е јасна. Мермерните статуи се дел од постојаната колекција на Британскиот музеј и припаѓа овде. Несмасно е доколку било кој британски политичар сугерира дека тоа е предмет на преговори“, рекол неименуваниот функционер.

Мицотакис, пак, изрази разочараност што се откажала средбата во последен момент.

„Нашата позиција по прашањето на статуите од Партенон е добро позната. Очекував оваа тема да биде покрената на дискусијата со мојот британски колега, но и адресирањето на значајните глобални прашања, како ситуацијата во Газа и Украина, климатската криза и миграциите“, рече Мицотакис.

Мермерните статуи од Партенон со децении се контроверзна тема во односите меѓу Грција и Британија. Додека Грците сметаат дека овие артефакти биле украдени, В. Британија тврди дека тие биле легално добиени и дека спречиле нивно уништување.

Овие скулптури се едни од најпознатите во се` позачестената дебата околу тоа дали музеите низ светот треба да ги вратат одземените или украдени артефакти на државите на кои им припаѓаат.

„Ова не е прашање на враќање на артефакти… ова не е прашање на сопственост, туку прашање на повторно поврзување. Каде можете најдобро да го цените она што всушност е еден споменик? Тоа е исто како да ви кажам дека сум ја исекол Мона Лиза на половина и едната половина е во Лувр, а другата во Британскиот Музеј. Дали мислите дека гледачите би ја ценеле убавината на сликата на тој начин?“, рече Мицотакис во интервјуто за Би-Би-Си.

Британскиот музеј има законска забрана за перманентно враќање на скулптури, предмети и артефакти кои се дел од нивните колекции. Од Би-Би-Си пишуваат дека управниот одбор на Британскиот музеј ја разгледува можноста за договор со кој овие скулптури би биле позајмени на подолг период на Грција.