Бразил призна и заштити шест домородни области во Амазон

Бразил официјално призна, со што и заштити шест домородни области во Амазон, на големина од 1200 км², јавува „БиБиСи“.

Со одлуката на претседателот Луиз Инасио Лула да Силва, се заштитуваат критични делови на прашумите од непроверената експлоатација.

Земјиштата остануваат под јурисдикција на властите, но заштитата им дава право на домородците да ги користат на свој традиционален начин.

Рударството станува незаконско во заштитените области, а за земјоделските активности и сечи отсега ќе биде потребно посебно овластување.

Клебер Карипуна, дел од „Апиб“- Организацијата на домородното население, изјави дека заштитата е добредојдена по четири години од заканите и инвазијата врз териториите на домородното население, за време на владеењето на Болсонаро.

Претседателот Лула да Силва посочи дека процесот на заштитување на домородните области во Амазон ќе продолжи, но е спор бидејќи поминува низ бројни процедури.

„За нас, ова е многу важен процес на промени, а ветувам дека за време на мојот мандат сите потребни територии ќе добијат заштита “, изјавил тој.

За дел од домородното население, заштитата е разочарувачки мала. Бразил поседува 733 територии кои треба да се заштитат, а засега заштитени се само 6 отсто од постоечките територии, посочуваат од граѓанскиот Институт за социјални политики и екологија.