Шар Планина една година е национален парк, но сè уште не се знае дали ќе се градат мали хидроцентрали или не

Ќе се откажат ли инвеститорите кои имаат концесии во заштитеното подрачје на новиот Национален парк „Шар Планина“ од изградба на мали хидроцентрали и колку пари ќе побараат како обесштетување? И по една година од прогласувањето на паркот, овие прашања сè уште немаат одговор, пишува Мета.

Минатата година во јули, кога беше и прогласен четвртиот национален парк во земјава, министерот за животна средина Насер Нуредини најави дека се преговара со инвеститорите на седум мали хидроцентрали кои сега влегуваат во територијата на паркот, да се откажат од нив. Во текот на изминатата година беше објавено дека само еден од нив, инвеститорот на МХЕЦ Лешока 100 и Лешочка 101, се откажал, бидејќи, иако имало одлука да му се додели концесија, немал склучено договор, па постапката е прекината тука, без барање за надомест.

Што се однесува до останатите, инвеститорите на МХЕЦ Пена 82, МХЕЦ Љуботенска 66, МХЕЦ Вратничка 67, МХЕЦ Беловишка 107, се изјасниле дека бараат надомест за враќање на вложените средства за досегашната реализација на договорите, но и после толку време, конкретен договор нема.

Од Министерството за животна средина велат дека постапките за раскинување на договорите за концесии на мали хидроцентрали во Националниот парк „Шар Планина“ се во тек, но не прецизираат дали се знае уште колку време ќе траат, ниту пак, дали министерството испратило информација до Владата. Нема информација ниту колкави суми побарале инвеститорите за да се откажат од концесиите, ниту пак, што ќе биде ако се нереални и ако не се постигнат спогодби.

„Постапките не се завршени и не можеме да дадеме конкретни информации“, е краткиот одговор што го испрати министерството на прашањата од Мета.мк.

Еколошките здруженија повеќе од две години бараат да се раскинат сите договори за мали хидроцентрали во заштитени подрачја и да не се доделуваат нови. Како аргумент го користат фактот дека овие енергетски објекти придонесуваат во националниот енергетски систем со околу 4,6 отсто од вкупното производство на електрична енергија, а годишно се субвенционирани со над 16 милиони евра. Од друга страна, штетата која ја предизвикуваат на биодиверзитетот е непроценлива.

Според Ѓорѓи Митревски од „Еко свест“, минатата година Бернската конвенција препорача да се откажат сите одобрени и планирани хидроелектрани во заштитени подрачја во државата, но и оние надвор, кои можат да имаат влијание на заштитените зони. Една третина од малите хидроцентрали во земјава се наоѓаат во заштитени подрачја, кои имаат функција да зачуваат и презервираат системи кои се важни. Сепак, екологистите сметаат дека и за енергетските објекти кои се надвор од нив, постојат основи за раскинување на концесиите.

„Оваа препорака јасно кажува дека сите концесии кои се доделени треба да се одземат и на оние кои не се изградени мали хидроцентрали, но и на оние кои се изградени. Конвенцијата е ратификувана од Парламентот, има сила на закон и мора да се почитува. За жал не гледаме никаква активност на институционално ниво која ни покажува дека се делува врз основа на препораката, иако помина речиси десет месеци од тогаш“, вели Митревски.

Мета