Шар Планина под привремена заштита до нејзино прогласување за национален парк

Согласно Законот за заштита на природата, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини донесе решение за привремена заштита на делот од Шар Планина за кој се води постапка за прогласување за заштитено подрачје во категорија II – национален парк. Информацијата за воведување на привременото решенија за заштита, министерот ја објави на својот Фејсбук профил.

„Привремената заштита на подрачјето на кое се однесува Решението се применува до денот на влегувањето во сила на Законот со кој ќе се прогласи дел од Шар Планина за национален парк. За потсетување, предлог- законот е одоборен од страна на Владата на Република Северна Македонија и во најскоро време се очекува да започне собраниската постапка за негово усвојување“, се вели во соопштението.

Кога ќе се усвои законот, државава ќе го добие првиот национален парк од осамостојувањето, а вкупната површина на заштитени подрачја на национално ниво ќе изнесува 13,2% од севкупната територија.