Еко-активисти и Владата дискутираа за заштитата на Водно, остануваат уште отворени прашања за неговата иднина

Судбината и заштитата на Водно вчера беа дискутирани на средба во Влада на барање на граѓанските здруженија „Го сакам Водно“ и „О2 Иницијатива“. Но, остануваат и понатаму уште нерешени прашања, откако средбата дојде по јавната расправа за Одлуката за ре-прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје од V категорија. Во јавноста досега се произнесоа различни ставови, противења и реакции од активисти и експерти за тоа каква треба всушност да биде заштитата на скопските бели дробови, но и како да продолжи планината да биде чувар на Скопје од поплави и ерозии, а истовремено да се скротат урбанистичките апетити. 

Сега, последната инстанца каде треба да се одлучува за иднината на Водно е токму Владата.

Од таму тврдат дека присутните на средбата изразиле очекувања дека иницијативата за Водно за заштитено подрачје ќе ги земе предвид и аспектите на заштитната улога што ја има оваа планина за градот Скопје од поплави, ерозија на земјиштето и од пожари.

„Претседателот на Владата Зоран Заев и министерот Насер Нуредини нагласија дека иницијативата за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје се донесува врз основа на Законот за заштита на природата, кој е донесен по претходно усогласување со законодавството на ЕУ, и со кој се обезбедува интегрирана заштита на заштитените подрачја во корелација и со другите релевантни закони“, соопштуваат од Влада.

Според властите, со одлуката за прогласување на Водно за заштитено подрачје, што било нагласено на средбата, ќе биде донесен и План за управување на подрачјето и Просторен план.

Плановите, тврдат од Влада, по дефиниција ги опфаќаат сите пропишани мерки и активности за заштита на природата.

„Дополнително, во Одлуката ќе биде предвидено запирање на урбанизацијата во подрачјето на Водно до донесување на Планот за управување во кој ќе бидат прецизирани мерките за заштита и за интегрирано управување со заштитеното подрачје“, соопштуваат од Влада.

Истовремено, потенцираат дека одлуката за Водно се „сѐ уште не е утврдена во нејзината конечна верзија и дека процесот е отворен за сите сугестии и предлози во насока на најдобро решение кое ќе ги опфати сите аспекти за заштита на природата на планината, како и на другите аспекти за заштита“.

По средбата се огласија и „О2 Иницијатива“ и „Го сакам Водно“. Конечно, велат тие, експертизата влезе во Владиниот дом, а присутни биле и експертите кои барале да бидат ислушани, претставници од различни владини и други институции – АПП, ЦУК, УХМР, МЗШВ, ХЕФ.

„Кои беа останати присутни кои зедоа збор во дискусијата? Министерот Насер Нудерини и Маре Барсова од ЈП Национални Шуми, кои над Водно баш и немаат ингеренции бидејќи Водно не е шума со стопанска намена, ниту имаат надлежност над неа. И не, не беа присутни од Градот Скопје . Експертизата ги даде сите аргументи зошто на Водно му е неопходен Закон! Дадовме и ние!“, соопштуваат еко-активистите.

Mинистерството ќе ја менува Одлуката, велат тие, ќе се обиде да ја доближи до изнесенети аргументи. Па откако ќе ја испрезентира, повторно средба.

„На дискусијата останаа отворените прашања за правната издржаност на Одлуката за заштита на дел од Водно од 5та категорија, зошто во постапката за носење е прекршен членот 95 од Законот за заштита на природата, по кој се носи оваа Одлука. Останаа отворени прашањата за гаранциите дека Водно ќе биде заштитено како треба со изработка и на Просторен План, кога имаме правен вакуум по тоа прашање и нема постоечки закон за просторно планирање“, соопштуваат здруженијата.

Исто така, забележуваат дека прашањето за урбанизација на 40% од површината на Водно останало да виси како Дамоклов меч врз Водно, со искажани заложби дека нема да се гради додека не се донесе Планот за управување. Но, прашуваат активистите – што тогаш?

„Дали зонирањето ќе се промени? Дозволените нови градби од тип на хотели, ресторани, кампови, домување, патишта, канализации, инфраструктура, како ќе се регулираат? Овие и уште многу други горливи прашања останаа да видиме дали воопшто е можно да се решат со носење на Одлуката, колку и да е таа видоизменета. Останува да го видиме финалниот текст на Одлуката кога ќе биде готов и да се бориме за вистинска, интегрална заштита на Водно“, велат еко-активистите.

Истовремено, нагласуваат дека продолжуваме со битката за интегрална заштита на Водно и затворање на сите отворени прашања кои, велат тие, во моментот се бројни.