Министерот Нуредини и МЖСПП со различни ставови за иднината на Водно, реагираат еко-активистите

Еко-организациите „Го сакам Водно“ и „02 Иницијатива“ реагираат дека министерот Насер Нуредини и министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) имаат различни ставови уште пред да започнат меѓуинституционлните средби за иднината на Водно. 

„Во име на веќе доставеното барање за Водно, потпишано од 38 здруженија и иницијативи, сите ислушани јавни расправи досега и имајќи ги предвид бројните студии и експерти кои проговорија јасно и гласно за сестраната и комплексна важност на Водно, го повикуваме Министерот да ги објасни сите изјави и ставови што прострујуваат низ медиумите овие денови дека Министерството има изготвен став, и тоа изнесен во јавност преку Владата 4 дена пред највените меѓуинституционални средби“, велат еко-активистите.

Од таму прашуваат дали Нуредини има заземено официјален став на Министерството, и зарем сета дискусија и јавна расправа е само про-форма.

„Кога ќе ја сослушате експертизата? До кога зад затворени врати, само меѓу неколку институции!? Транспарентноста недостасува. Се говори за значајно подрачје од јавен интерес! Да потсетиме: се расправа за нацрт-одлука, а не за имплементирање на веќе донесена Одлука и уште помалку се расправа за План на управување“, забележуваат еко-организациите.

Тие потенцираат дека вчера се одржало технички состанок во МЖСПП, врзан за процесот за носење нова заштита за Водно. Но, велат активистите – не знаат како се одвивал.

„Кој бил повикан, кој дошол – не знаеме, но знаеме дека не присуствувале сите кои сметаме дека се засегнати. Што се договарало – не знаеме. Што се заклучило – не знаеме“, реагираат еко-активистите.

Меѓувремено, со различни изјави во јавноста од министерот и МЖСПП, „Го сакам Водно“ и „О2 Иницијатива“ сметаат дека „нешто смрди“.

Министре Naser Nuredini,
зарем веќе имате заземено официјален став на Министерството⁉️
Зарем сета дискусија и јавна…

Posted by Go Sakam Vodno / Го Сакам Водно on Tuesday, February 23, 2021

Инаку, изминатиов период повеќе експерти и активисти реагираа на сегашната постапка за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел. Бараа таа да се стопира, потенцирајќи дека таа е од многу понизок вид од сегашната на сила за парк-шумата Водно и не вклучува никакви законски забрани.

Односно, ваквата одлука ја карактеризираа како „(не)заштита“ на околу 40% од површината на сегашната парк-шума Водно, со што сметаат дека ќе се овозможи градење на разни објекти.

„Ако досегашната многу повисока заштита на Водно која не дозволуваше градби, знаеме како се изигра и Градот не успеа да ја сочува зацртаната граница и покрај таа висока заштита и како резултат никнаа населби како што се Шпанско село, Сончев град итн – внатре во заштитениот појас на Шумата, можеме само да замислиме што ќе се случи со сегашниот предлог каде е (намалена површината на зоната на заштита и) дозволено градење на нови објекти за домување, приватни хотели и сл. Ова не смее да се дозволи по ниедна цена!“, стои во заедничкото писмо на 38 здруженија и иницијативи.