МЖСПП: Иницираме дополнителни консултации со институции за заштитата на Водно

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) соопштува дека по завршувањето на консултациите со јавноста за тековниот процес за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категорија V –  Заштитен предел, проценило дека во Предлогот на Одлуката од аспект на заштита на природните вредности не постојат двојби.

„Но, дополнително, во однос на дел на забелешките кои се однесуваат на други аспекти на заштита започнува дополнителна консултација и координација на техничко ниво со други релевантни државни институции согласно нивните надлежности, вклучително и Град Скопје како предлагач на иницијативата, заради обезбедување на интегрирана заштита на подрачјето“, велат од МЖСПП.

За таа цел, МЖСПП упатило покана до Град Скопје, Министерствата за земјоделство шумарство и водостопанство и Транспорт и врски, Центар за управување со кризи и Дирекција за заштита и спасување.

„Фокусот на консултациите ќе биде на заземање на  ставови во однос на дел на забелешките на управувањето со предложениот Заштитен предел Водно,  за прашања поврзани со: Планот за управување со поплави и заштита од ерозии и порои, Планот за одгледување и заштита на шуми, со урбанизацијата, со просторниот план и слично“, велат од МЖСПП.

Инаку, изминатиов период повеќе експерти и активисти реагираа на овој вид на заштита на Водно, барајќи посебен специјален закон за Водно, особено што малата скопска планина е специјално пошумувана со ударнички акции во минатото, за да се спречат поплави и жртви како во минатото.

Минатата недела 38 граѓански здруженија и иницијативи, предводени од „Го Сакам Водно“ и „О2 Иницијатива“, упатија и барање до Владата да се обезбеди сестрана заштита на Парк Шумата Водно.

„Сегашната постапка на носење на Одлуката за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел, која бараме да се стопира, е од многу понизок вид од сегашната на сила за парк-шумата Водно и не вклучува никакви законски забрани. Со оваа (не)заштита на околу 40% од површината на сегашната парк-шума Водно ќе се овозможи градење на разни објекти. Ако досегашната многу повисока заштита на Водно која НЕ дозволуваше градби, знаеме како се изигра и Градот не успеа да ја сочува зацртаната граница и покрај таа висока заштита и како резултат никнаа населби како што се Шпанско село, Сончев град итн – ВНАТРЕ во заштитениот појас на Шумата, можеме само да замислиме што ќе се случи со сегашниот предлог каде е (намалена површината на зоната на заштита и) дозволено градење на нови објекти за домување, приватни хотели и сл. Ова не смее да се дозволи по ниедна цена!“, стои во писмото на здруженијата и иницијативите.

Итно барање до Владата за сестрана заштита на Водно упатија 38 граѓански здруженија и иницијативи