Богата програма и бројни изведувачи на 18. Есенски музички свечености

Тринаесет концерти содржи програмата на 18. Есенски музички свечености кои Дирекцијата за култура и уметност-Скопје ќе ги организира од 3-ти до 30 ноември.

Организаторите најавуваат најбогата програма досега со исклучително голем број странски изведувачи – од Словачка, Унгарија, Турција, Словенија, Србија, Шведска, Холандија и Русија.

Манифестацијата во петок ќе биде отворена со гала-оперски концерт и операта „Кавалерија рустикана“ – реприза од нивната вечерашна премиерна изведба, со кои Операта ја почнува новата сезона и одбележува 70 години постоење. Ќе заврши на 30 ноември со концерт „Поема екстаза“ на Македонската филхармонија со која, рече Глигоров, по неколку години повторно соработуваат.

Од гостинските, позначајни се настапите на познатата џез-музичарка од Турција Елиф Чаглар и нејзиниот квартет (16 ноември), Женскиот младински хор „Јубилате“ од Унгарија со концерт по повод 50 години од смртта на композиторот Золтан Кодај (10 ноември), вокално-инструменталниот настап на Ансамблот „Танец“ (22 ноември) кој е редовно на програмата на оваа манифестација.

И година ќе има јубилеен концерт – овојпат за одбележување на 90 години од раѓањето и 10 години од смртта на проф. Драгослав Ортаков (15 ноември).

Сите концерти ќе почнуваат во 20 часот. Влезот е слободен за посетители, освен концертите за отворање и затворање (во МОБ и Филхармонија) и двата концерта во Дом на АРМ (за „Танец“ и за Елиф Чаглар џез квартет).