„Bob Marley Day“ по 16-ти пат на Школка

По 16-ти пат, на Школката во Градскиот парк во Скопје ќе се одржи „Bob Marley Day“, посветен на култниот реге музичар Боб Марли. Настанот почнува во петок напладне (11 мај), а завршува на 12 мај по полноќ.

Од 2003 година, кога беше одржан за првпат, овој настан расте и со својата големина и со својата важност, собирајќи секоја година неколку илјади посетители, вклучувајќи голем број музичари и диџеи кои преку нивната уметност ја пренесуваат универзалната порака на мирот.

„Доближувајќи ја реге музиката и пораката на Боб Марли ’ONE LOVE, ONE HEART, A WORLD WITHOUT BORDERS’ до сите луѓе, овој настан е нешто што се памети засекогаш… Сите ние како поединци треба да придонесеме за овој настан, да продолжи да се развива и да прерасне во уште поголем на сечие задоволство“, порачуваат организаторите.

Настанот е отворен и за сите млади и талентирани бендови што свират реге, кои можат да се пријават за учество на телефонскиот број 075 72 86 82, или на Фејсбук. 

Организаторите апелираат до сите посетители да внимаваат на ѓубрето зад себе, за паркот да остане чист и убав по одржаниот настан.