Блашка Ми Ева од петок ќе ја изложува „Играта на водата“

Во Музејот на Град Скопје во петок (17 февруари) во 20 часот се отвора изложбата „Играта на водата“ на Блашка Ми Ева.

Се работи за петто самостојно изложување на уметницата, под име „Играта на водата“. Блашка Ми Ева претставува цртежи во акварел техника и лавиран туш.

„Точката на инспирација е флуидноста, движењето, неповторливоста, колоритот и играта која водата како елемент ја создава. Водата како есенцијален елемент за живот е инспирација за многубројни уметници, писатели па дури и филозофи. Движењето на водата, играта, флуидноста и судирот кој водените млазови ги создаваат се неповторливи. Дел од секунда. Судирот на водата со разновидни други материи, земја, песок, растенија, дури и временските фактори, е рефлексија на играта помеѓу водата и нејзините ‘соперници’.’Играта на водата’ ја компарирам со онтолошкото определување на уметничкото дело како „игра“ според Ханс Георг Гадамер, кој вели: ‘Лудичноста на уметничкото дело е игра по-себе, но таа во-себе ги содржи и творецот и примателот. Играта е ‘света сериозност’, но е и дејност во којашто се задржува она што ни бега, се задржува преку обликувањето или соучествувањето во играта на облиците’. Притоа, ова ‘задржување на минливото’, е идеален приказ за менливоста, неповторливоста и движењето на водата“, стои во описот на изложбата.

Инаку, ова е преземање на изложбата која се отвори во Домот на културата во Гостивар во октомври 2016 година.