Благ пад на поддршката за ЕУ членство, две третини од граѓаните не се согласуваат со уставните измени, покажуваат истражувања

Речиси половина од населението во земјава смета дека Македонија не е подготвена за членство во ЕУ, а една третина од населението смета дека земјава никогаш нема да стане членка на ЕУ. И покрај фактот што уставните измени за вметнување на нови малцинства, особено бугарското малцинство се неопходни за отворање на поглавјата, речиси две третини од граѓаните (65%) не се согласуваат со истите.

Во 2022 година, 64% од населението позитивно би гласало за членство на земјава во ЕУ, што е за четири проценти помалку од 2021 година и е речиси еднакво на резултатите од 2019 година, кога имаше најниски вредности за позитивна поддршка во рамките на временскиот период кој е опфатен со истражувањето.

Ова се дел од наодите од двете истражувања изработени од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер кои беа презентирани денеска во Министерството за надворешни работи во Скопје.

Претставените истражувања „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014-2022)“ и „Европа во криза. Последиците врз јавното мислење во Северна Македонија“, се достапни преку соодветните линкови.

Дополнително, Во 2022 година, 64% од населението позитивно би гласало за членство на земјава во ЕУ, што е за четири проценти помалку од 2021 година и е речиси еднакво на резултатите од 2019 година, кога имаше најниски вредности за позитивна поддршка во рамките на временскиот период кој е опфатен со истражувањето.

Според истражувањата, постои значителен јаз меѓу двете најголеми етнички заедници – етничките Македонци и етничките Албанци во земјата во нивото на поддршка за членство во ЕУ. 57% од етничките Македонци го поддржуваат членството во ЕУ, додека поддршката кај албанската етничка заедница е 79 проценти.

Оваа година има значително и подобрување на кредибилитетот на Европската Унија, која е посочена како најдобар сојузник на С. Македонија. Во 2022 година е забележан пораст од 19% и поддршката изнесува 32% во споредба со 13% во 2021 година. По неа следуваат САД со 17%, Србија со 10% и Русија 9%.

Истражувањата произлегуваат од спроведена телефонска анкета од 17 до 30 ноември 2022 година, на национален репрезентативен примерок од 1005 испитаници.

Поздравни обраќања на настанот дадоа Филип Тосевски, Државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски и Даниел Браун, директор на Канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Северна Македонија.

Според Трошановски, резултатите покажуваат дека кредибилитетот на ЕУ закрепнува односно бележи значително подобрување во споредба со претходната година како од аспект на влијание така и од аспект на сојузништво. Но, тој додаде дека оваа перцепција, не е проследена со пораст на спремноста да се влезе во ЕУ која со години наназад е разбирливо опадната, а вината ја гледа во самата Унија особено со поларизацијата што ја создаде преговарачката рамка.

„Оваа ситуација ја замаглува одговорноста на домашните политички елити од застојот во реформите и на некој начин за жал им дава алиби. Оттука, моментот е круцијален за да се задржи порастот на кредибилитетот на ЕУ заедно со желбата на граѓаните да бидат дел од ЕУ. Не сакаме ситуација каде луѓето ја сметаат ЕУ за добар сојузник, но не сакаат да бидат дел од неа. Покрај нас самите, клучно е како ЕУ ќе се постави кон земјата во претстојниот период за да не се изгуби овој позитивен моментум“, изјави Трошановски.

Дополнително, тој посочи дека многу е важно вклучувањето на земјата во институции на ЕУ од кои граѓаните ќе имаат директни бенефиции.

„Во делот на нашата рамка ЕУ мора појасно да покаже дека ќе ја заштити земјата од непринципиелните намери на Бугарија за историски ревизионизам кон земја кандидат, и на пример да номинира свој претставник во ткн „историска комисија“. Само така кредибилитет може да се возобнови. Во спротивно ќе продолжи да паѓа и наклонетоста на граѓаните кон трети страни ќе расте, не само поради симболично одмазда и револт од изневерените очекувања туку и како вистинска алтернатива“, додаде Трошановски.

Двете анализи ги презентираа авторите Иван Дамјановски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ и Анамарија Велиновска, истражувачка во Институт за демократија.