С. Македонија 79-та најразвиена демократија во светот, покажува извештајот на „В-Дем“

Северна Македонија се најде на 79-тото место во светот од вкупно 179 светски држави според индексот на демократија во последниот извештај на организацијата „В-Дем“.

На индексот, каде државите се позиционирани од 0 (најлош резултат) до 1 (најдобар), земјава има рејтинг од 0,43. Ова претставува назадување за една позиција во споредба со минатогодишниот извештај, кога Северна Македонија според индексот беше рангирана на 78-то место.

Од четирите категории во кои се ставени земјите, Северна Македонија е сместена во групата „изборни демократии“, што е полошо од групата „либерални демократии“, а подобро од групите „изборни автократии“ и „комплетни автократии“.

Во регионот најразвиена демократија има Грција, која е рангирана на 27-мото место во светот, подобри од земјава се и Словенија (40), Хрватска (44), Бугарија (62) и Косово (78). Зад Северна Македонија се наоѓаат Албанија (85), Црна Гора (94), Босна и Херцеговина (96) и Србија (119).

На светско ниво, најразвиените пет демократии се Данска, Шведска, Норвешка, Костарика и Швајцарија. Како држави со најавторитарни режими се рангирани Еритреја, која има најлош скор годинава, Северна Кореја, Јемен, Сирија и Туркменистан.

Полска е државата која најбрзо тоне кон автократија и во последниве десет години изгубила 0,34 поени на индексот. На првите пет позиции на оваа листа се наоѓаат уште и Унгарија, Турција, Бразил и Србија.

Во истиот период најголем демократски напредок има забележано Тунис, со зголемување на индексот за 0,54 поени. Значителна демократизација последнава деценија забележале и Ерменија, Гамбија, Мјанмар и Нигер.

Извештајот на „В-Дем“ за 2021 година е насловен „Автократизацијата станува вирална“, а истражувачите и оваа година регистрираат глобално назадување на демократијата во светот, особено во регионите на Централна Азија и Азискиот Пацифик, Источна Европа и Латинска Америка. Според извештајот, нивото на демократија кое го ужива просечниот светски граѓанин минатата година било на ниво кое последен пат биле забележани во 1990-тата година.

Дури 68% од светското население живее во држави кои истражувачите ги карактеризираат како автократски. Оваа бројка е далеку повисока во споредба со претходниот извештај бидејќи најголемата светска демократија, Индија, со нејзините 1,37 милијарди жители во овој извештај беше карактеризирана како „изборна автократија“.