„Билка“: Власта не’ игнорира, заложбите за декриминализација и легализација на канабисот се декларативни

Здружението за канабис и зелени политики „Билка“ го изразува своето огромно разочарување од, како што велат, игнорантниот однос на извршната власт.

И покрај едномесечното чекање и упатени официјални повици за средби по писмен пат до премиерот Зоран Заев, Министерот за правда Бојан Маричиќ и Министерот за здравство Венко Филипче, „Билка“ велат дека не добиле ниту повратен одговор, а камоли остварување на средби.

„Очигледно е дека заложбите за декриминализација и легализација се декларативни, а и евидентно е дека извршната власт е селективна односно сака да соработува само со Здруженија на граѓани кои се подготвени да клатат со главите занемарувајки ги потребите на граѓаните и пациентите, а давајки подршка на квази легализација на канабис која се подготвува, а која во пракса ќе биде монополизација на пазарот“, се вели во реакцијата на „Билка“.

„Билка“ на 30-31 октомври го одржа првиот Македонскиот канабис форум, каде од политичкимедицинскибизнис и од аспект на човекови права, поголемиот дел од панелистите се придружија на барањата за декриминализација и легализација на канабисот во Македонија. Партии што изнесоа ставови за поддршка беа СДСМ, ДОМ, ЛДП и Левица. Премиерот Заев, пак, пред една недела рече дека поддржува декриминализацијата на марихуаната, која е почната во Собранието и додаде дека со нејзината легализација ќе можат да се унапредат оние дејности коишто многу малку учествуваат во македонскиот БДП.

„Билка“ периодов упати 10 барања, меѓу кои да се зголеми бројот на состојби и болести со кои може да се третира канабис и да се препишува и од приватно, а не само од јавно здравство.

Побараа декриминализација на канабис преку измени во Кривичниот законик, со дозволена количина за лична употреба од 50 грама, во услови кога нема други елементи на продажба. Бришење и на кривична евиденција на сите уживатели на канабис, за кои рекоа се илегално гонети по упатство од Обвинителството за „намера за продажбa“.

„Билка“ бара и легализација на канабис како нормален тек по декриминализацијата. Односно, дозволено одгледување до десет стебла за медицински цели од лица кои имаат медицинска потреба и до три растенија за рекреативна употреба, се’ со задолжителна регистрација при државно тело. Исто така, посебен Закон за канабис, Lex specialis, каде би се инкорпорирале бројните области што ги тангираат пациентите и уживателите – дозволените количини, начинот на контрола, постапките за добивање на лиценци…

Б.Ш.