„Билка“: Небулозно е канабис да се препишува само за четири болести, кога во светот се користи за над 100  

Познато е дека во светски рамки со канабис се третираат над 100 болести и состојби како аутизам, Паркинсова болест, Алцхајмер, фибромијалгија, анорексија, глаукома, мигрена, разни болки, несоници, депресија, зависности… Но, кај нас, според законот од 2016, ваквата листа е „заглавена“ само на канцер, ХИВ, мултиплекс склероза и епилепсија, па затоа Здружението „Билка“ бара проширување на болестите за кои ќе може да се препишува канабис.

„Сметаме дека ова е крајно небулозно и бараме итна измена на Правилникот на Министерството. Бараме и измена на истиот Правилник за да може канабисот да се препишува и од приватно, а не само од јавно здравство, што е хипокризија. Ако може еден доктор од приватните болници да лекува, дијагностицира, оперира, треба да може и да препишува канабис како медикамент“, рече Елена Митровска од „Билка“ на денешната прес-конференција на ова Здружение кај Универзална сала.

Билка, преку панели поделени на области за медицина, политика, бизнис и човекови права, денес и утре (30-31 октомври) го организира првиот Македонски канабис форум. Поради пандемијата, форумот ќе биде онлајн.

Од Здружението апелираат носење решенија подобри закони за канабисот и негова легализација, со бенефити за сите во државата, без разлика дали е тоа здравствена, економска или даночна корист. Ова е особено важно, велат од „Билка“, кога пандемијата финансиски го осиромашува секој поединец и економски оператор, а заради намалениот промет и државата остварува помал промет од даноците. Истовремено, уживателите на канабис и пациентите да не се под прогон или да се стигматизирани.

Бараат услов за секое правно лице, за да добие лиценца, да мора дел од своите производите да ги пласира на македонскиот пазар.

„Небулозно е да дозволиме развивање бизнис секторот во Македонија, а да не дозволиме граѓаните да имаат бенефит од тие производи“, рече Митровска од „Билка“.

Адвокатот и претседател на „Билка“, Јанаки Митровски се осврна на барањата за декриминализација на канабис преку измени во Кривичниот законик, со дозволена количина за лична употреба од 50 грама, во услови кога нема други елементи на продажба. Потоа, бришење на кривична евиденција на сите уживатели на канабис, кои, вели тој, се илегално гонети по упатство од Обвинителството за „намера за продажбa“.

„Легализација на канабис како нормален тек по декриминализацијата. Дозволено одгледување до десет стебла за медицински цели од лица кои имаат медицинска потреба и до три растенија за рекреативна употреба, се’ со задолжителна регистрација при државно тело“, рече Митровски.

Со носење посебен Закон за канабис, како lex specialis, посочува тој, би се инкорпорирале бројните области што ги тангираат пациентите и уживателите – дозволените количини, начинот на контрола, постапките за добивање на лиценци… Затоа се во контакт со пратеници, за пишување на посебен закон, процес кој би одел после Нова година.

Законското решение би инкорпорирало и основање на Агенцијата за канабис. „Билка“ би преферирале Агенцијата да ја води активист, а не бирократ.

„Доколку не може да се основа Агенција за канабис, да се основа или посебно одделение при МАЛМЕД. Иако, ние сметаме дека ‘шифтот’ на контрола треба да се префрли кај Министерството за земјоделство, а не да биде под Министерството за здравство, бидејќи канабисот не е опасна дрога или растение“, рече Митровски.

Барање и основање Институт за канабис при Земјоделскиот факултет на УКИМ, преку измени во Законот за високо образование. Жално е, вели тој, бидејќи по ова прашање имале средби по иницијатива на професори од Земјоделски, меѓутоа тоа останало „само на добра волја“.

„Науката не смее да каска. Мораме да имаме научно тело што ќе истражува, бидејќи во Македонија нема ниту едно истражување, иако четири години канабисот според закон е легализиран во медицински цели“, потенцира Митровски, напомнувајќи дека бараат и инкорпорирање на индустрискиот коноп, за кого бенефитите се бројни и нужно е отстранување на законски одредби од типот на банкарски гаранции, да може државата да дава дозвола за удел и сл.

„Билка“ пред една недела упатиле барање за средба со премиерот Зоран Заев и министерите Венко Филипче и Бојан Маричиќ. За Митровски е нејасно зошто извршната власт останува приглува на барањата, кои, смета тој, не се нешто што се необјективно и нечуено во светот.

Ова доаѓа откако Заев се изјасни дека „отвора дебата за декриминализација на канабисот“, но за Митровски е повторно нејасно што премиерот подразбира под „декриминализација“.

„Не сакаме да се доведеме во состојба да бидеме пренесени ‘жедни преку вода’, да добиеме трошки, а бизнис-секторот да добие се’. Уште во 2018 едно од нашите барања беше да се дозволи извоз на цвет од канабис. Небулозно е да извезувате само екстракт, а не и цвет. Но, според наши видувања, тоа мора да оди паралелно. Условно речено, не може да бидете бизнисмен, да имате милион евра, законот да не ви дава лимит за безброј растенија, а јас со три грама канабис да бидам криминалец. Тоа е апсолутно парадоксално и недозволиво“, нагласи Митровски.

На новинарското прашање каде е границата за злоупотребата на канабисот и употребата на медицински цели, Митровски вели дека не може да се злоупотреби канабис. Односно, смета тој, скоро секоја употреба е за медицински цели.

„Ако дојдам дома, преморен од работа, психички оптоварен од обврски, па консумирам канабис за да се релаксирам – тоа е за медицинска употреба. Ептен ако земеме да се социјализираме два-тројца и консумираме канабис, само тоа би било строго рекреативна употреба. Ние се залагаме за целосна легализација на канабис. Како што тука имате машина за кафе, така треба да се продава и канабис. Не мора да се согласувате со тоа, но не се согласувам дека може да стане збор за злоупотреба на канабис. Не бегаме од контрола и регулација“, вели тој.

Од друга страна, постои уште постои отпор кај лекарската фела, за медицинските бенефити, па мора да се работи на нивна поголема едукација.

„Фелата е подготвена за болки или други состојби да препише ‘Трамадол’ или ‘Диазепам’, кои знаеме дека се штетни, а има проблем да ви препише канабис, за кој знаеме дека не е штетен“, смета Митровски.

Ги повика во овој процес за канабисот да се вклучат сите политички фактори, организации, активисти, индивидуалци… Сите да дадат свој придонес. Легализацијата истовремено да го сузбие црниот пазар, бидејќи досега по законот од 2016, вели Митровски, државата само го поттикна.

„Од една страна, државата признава дека има лековити ефекти, а од друга страна, не дава законска рамка за пласман на производи за да го заменат црниот пазар. И, сега, луѓето повеќе се осврнуваат на црниот пазар. Тоа се опасности. Сум бил во мака, мојата мајка почина од канцер на дебелото црево, го правев истото (пробував да ја лекувам со канабис), па не замерувам на никој што го правел истото“, констатираше Митровски.

Бојан Шашевски