Бесплатна карта за сите што денеска читаат книга во автобус на ЈСП

Денеска под мотото „Избери образование. Промени го својот став“ превозот ќе биде бесплатен за сите што во автобус читаат книга, а контролорите на ЈСП ќе доделуваат бесплатни билети на сите што читаат за време на возењето. На полигонот во АСУЦ пак, ќе има целодневна обука за сообраќајни прописи и знаци, вежби со велосипеди, трки, електрични велосипеди и др.

Со презентација на активностите за заштита на животната средина Градот Скопје го означи почетокот на Европската недела на мобилност 2015, која ќе се одржува до 22 септември кога традиционално ќе заврши со големо велосипедско дефиле на градските улици. Денеска во рамките на кампањата граѓаните што ќе читаат книга во автобус, ќе се возат бесплатно.

Оваа година мотото на Европската недела на мобилност е: „Избери. Промени. Kомбинирај“. Идејата на кампањата е да сепоттикнат луѓето да размислуваат за опциите за превоз и да комбинираат разни начини на движење.

На првиот ден се одржаа презентации на инвентарот на стакленички гасови за Скопје, на меѓународниот проект на УНДП за урбана отпорност на катастрофи и последици од климатските промени, како и на планот за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух.

Градот го објави и конкурсот за избор на најстар велосипед што е во функција, најубаво украсен велосипед, најубав и најфункционален дизајн на велопаркинг, како и ликовен натпревар за средношколци.

Денеска во кампусот на техничките факултети се одржува саем за електрични и хибридни возила, а во 18.30 часот ќе биде отворен „Балкан бајк фестивал 2015“ пред „Сити мол“. Во сабота ќе се одржи велосипедски маратон од кејот на Вардар кон врвот на Водно по земјен пат, а во недела ќе има повеќе велотрки во центарот. Во понеделник пак, е работниот пикник на Водно.