Барања за информации од јавен карактер: Отсуствува внатрешна процедура за одговор кај институциите

Некои институции одговараат навреме, но други го чекаат последниот рок или ги игнорираат барањата за пристап до информации од јавен карактер, и покрај тоа што постојат казни согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер. За да се избегне ваквата рашомонијада, неопходно е секоја институција да воведе внатрешни процедури за постапување по барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер, пишува Новинската агенција Мета.

Фондацијата Метаморфозис, со поддршка од Фондацијата Отворено Општество – Македонија и Националната фондација за демократија, и годинава го спроведоа истражувањето „Процена на доброто владеење на извршната власт во Северна Македонија и во регионот преку Индексот на отвореност“. Истражувањето подготвено во соработка со партнерите од регионалната мрежа на ГО – Отчетност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа (ACTION SEE) во четири држави од Западен Балкан – Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, значајни препораки дава и за ефикасното и навремено одговарање на барањата за пристап до информации од јавен карактер доставени до институциите.

Во делот на Северна Македонија, авторката на трудот, Данче Даниловска-Бајдевска од Фондацијата Метаморфозис за Мета.мк посочува дека при мерењето на овогодинешниот Индекс на отвореност, а со цел да се процени времето на чекање по поднесено барање до институциите, Фондацијата Метаморфозис испратила идентично барање за пристап до информации до 36 институции од извршната власт, од кои 27 институции (75 отсто) одговориле навреме во законскиот рок, но пред самиот истек на рокот од 20 дена.

„Со оглед дека институциите не постапуваат ‘веднаш’ по поднесените барања, како што е уредено со Законот, туку го чекаат крајниот законски рок, неколку години по ред укажуваме на потребата да се воведат внатрешни процедури, со што ќе се овозможи подобра комуникација внатре во институциите и „процесирање“ на барањето од службените лица до соодветните/одговорните лица во институцијата, па повторно „назад“ кај службеното лице, за да може барателот поскоро од максималниот законски рок (20 дена) да го добие одговорот на барањето“, појаснува Данче Даниловска-Бајдевска од Фондацијата Метаморфозис.

Таа вели дека исклучок од чекањето на крајниот рок за одговор се институциите кои имаат воведено внатрешни процедури за постапување по барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

„Нашата препорака е да се воведат внатрешни процедури кои ќе ја уредат постапката од приемот на барањето до доставувањето на одговорот со рокови и одговорни лица внатре во секоја институција. Исто така, сметам дека треба да се воведат внатрешни процедури кои ќе предвидат одговорни лица кои ќе доставуваат нови информации кои ги креира или со кои располага институцијата, до Секторите за комуникации или ИТ лицата за да бидат навремено и активно објавени без претходно да бидат побарани“, вели Данче Даниловска-Бајдевска.

Дури и за потребите на самото истражување, Фондацијата Метаморфозис добила одговори по законскиот рок од 20 дена на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер од Министерството за култура, Министерството за здравство, Управата за финансиска полиција, Државниот инспекторат за техничка инспекција и Секретаријатот за европски прашања. Дел од институциите, како што се Државниот архив, Бирото за судски вештачења, Државниот инспекторат за шумарство и ловство и Државниот пазарен инспекторат, се поставиле игнорантски кон доставените барања и воопшто не одговориле на поставените прашања.

Данче Даниловска-Бајдевска од Фондацијата Метаморфозис појаснува дека ефикасноста во пристапот до информации не зависи од бројот на службени лица во институцијата.

„На пример, во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство задолжени се дури 24 лица за посредување со слободен пристап до информации, а според Индексот на отвореност оваа институција на рангот на отвореност со исполнетост од 61,18% е под просекот кој заедно го постигнуваат Владата и министерствата. Од друга страна, Министерството за одбрана има само две службени лица, а се најотворената институција според регионалниот Индекс со 89,72% исполнетост на индикаторите“, вели Даниловска-Бајдевска.

Од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер за Мета.мк велат дека не располагаат со конкретни податоци дали институциите како иматели на информации имаат свои внатрешни процедури за постапување по барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер. Сепак, тие појаснуваат дека на редовните обуки кои ги спроведуваат за службените лица континуирано укажуваат на потребата од воведување на внатрешни процедури за регулирање на постапувањата по барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

„Целта на овие процедури е точно да се знае улогата на секој административен службеник, како и улогата на раководната структура кај имателот на информации, а со цел навремено постапување по пристигнатите барања за слободен пристап до информации од јавен карактер“, велат од Агенцијата.

Прочитајте го целиот текст на Мета.мк.