Австралијка трча 1700 километри низ седум пустини за зачувување на водата

За да ја подигне свесноста за недостатокот на питка вода, 45-годишната Мина Гули, директорка на австралиската хуманитарна организација за зачувување на вода Thirst, трча 40 маратони низ седум пустини во рок од седум недели.

За ова тешка задача таа ќе патува низ седум континенти. Во петок ќе почне да трча низ пустината Симпсон во Австралија.

Гули, која моментално живее во Пекинг, работела на креирање на политики за климатските промени во Светската банка, пред да се фокусира на проблемот со недостаток на вода и да го формира Thirst фондот во 2012 година.

„Растејќи во Австралија, низ годините на суша, секогаш мислев дека водата е проблем кој ќе го решиме ставајќи кофи под чешмата“, вели. „Она што не го разбирав сосема е дека и наједноставната работа, како јадење на хамбургер, е еквивалент на туширање два часа“.

Открила дека количината на вода која се троши за работи како производство на храна, енергија и облека многу ја надминува количината на вода која ја користиме во нашите домови, а тоа станува голем проблем.

„Имаме краен рок. До 2030 година, ќе има 40 посто поголема побарувачка за вода од достапните залихи. Имаме 15 години да го решиме проблемот со водата“.

Како што самата потенцира, кризата за вода е постојано рангирана меѓу најзначајните проблеми со кои се соочува планетата во Извештајот за глобални ризици на Светскиот економски форум. Обединетите нации предвидоа и дека до 2030 година, речиси половина од светското население ќе живее во области со голем недостаток на вода.

Идејата да истрча ултра маратон ја добиила кога решила да направи нешто „лудо“ за да го сврти вниманието на цел свет кон овој проблем.

Гули не се откажала и покрај многуте пречки. Не само што мразела спорт како дете, туку откако имала повреда на грбот на 22 години, ѝ било кажано дека никогаш повеќе нема да може да трча. Ако го заврши предизвикот, ќе има истрчано 1688 километри.

Досега има трчано низ пустината Табернас во Шпанија, Арапската пустина во Јордан и на Антарктикот. После пустината Симпсон, ќе се обиде да ги „освои“ пустините Кару во Јужна Африка, Атакама во Чиле и за крај, Мохаве во САД.

Во Шпанија, во првата пустина низ која трчала, Гули вели дека болката била претежно физичка.

„Беше реален потсетник дека има долг пат пред мене, и ова ќе биде навистина тешко“, објаснува.

Јордан бил тежок за трчање поради песокот, а Антарктикот бидејќи снегот бил нестабилен и замрзнат.

На почетокот Гули трчала без музика и без насоки, но тишината на Антарктикот била премногу за неа.

„Толку е тивко, не сум била на ниту едно такво место на планетава. Единствениот звук кој се слуша таму е чукањето на твоето срце“, вели таа.

Зачудувачки, не претрпела ниту една повреда на стапалата, благодарение на специјални чевли.

Иако трча најголем дел од времето, понекогаш застанува да поразговара со локалните жители по пат, раскажувајќи ја нејзината приказна и дознавајќи други е дел од патувањето.

„Ако не можам да застанам и да се напијам шолја чај со семејство бедуини кои живеат во Јордан, како можам да ги разберам нивните проблеми со недостатокот на вода?“, смета.

Гули вели дека знае дека треба да биде луда да се обиде да го исполни истиот поход во иднина, но не би била изненадена ако се реши на втора рунда.

„Би сакала да можам да кажам дека сум се научила, но реалноста е дека дефинитивно ќе се обидам пак“, вели. „Мојата работа не е завршена. Сакам да го направам зачувувањето на вода популарно и нема да запрам додека не го исполнам тоа. Ако тоа значи повеќе трчање, тогаш повеќе ќе трчам“.

Извор: Mashable