„Апокалипса сега“ може да стане видео игра

Култниот „Апокалипса сега“ на Френсис Форд Копола, направен пред четири децении сè уште го издржува тестот на времето. Филмот за Виетнамската војна останува еден од најважните на сите времиња, а истовремено претставува и безвременски приказ на психолошките последици од војната.

Група дизајнери сакаат ова ремек-дело да го претворат во видео игра. Веќе започнаа Кикстартер кампања за масовно прибирање средства за оваа цел.

На страната на кампањата се прикажани неколку слики од тоа како би изгледала играта

Потенцираат дека таа нема да биде традиционална воена игра со пукање како Call of Duty, туку „хорор искуство на преживување“. И режисерот Копола ја подржа идејата за игра, во која играчите ќе ја преземат улогата на каптан Бенџамин Вилард (кој во филмот го глуми Мартин Шин), армискиот капетан кој е на тајна мисија да го најде и убие полковникот Валтер Е. Курц (Марлон Брандо во филмот), кој се крие длабоко во џунглата.

„Ќе мора да донесувате многу тешки одлуки и нема да биде јасно која е правилната одлука во секој момент“, објаснува Џош Сојер, дизајнерот кој работи како консултант на проектот преку видео пораката на Кикстартер страната.

Играта е планирано да се заврши до 2020 година и треба да биде достапна на повеќе платформи. Но за тоа да се случи потребно е да успее „краудфандинг“ кампањата која треба да собере 900 илјади долари. За еден ден од почетокот на кампањата досега се собрани скоро 50 илјади долари.