Антонио Димитров, КИЦ: На нашата млада публика ѝ треба култура и музика, повеќе од кога било досега

Културно информативниот центар (КИЦ) – Скопје е една од најстарите културни установи во градот. Со долгогодишна традиција во животот на скопјани, годинава одбележува 55 години од своето постоење. Токму во пресрет на јубилејот се случи промена во раководството на установата, каде како директор дојде звучниот уметник, културен истражувач, комуниколог, диџеј и продуцент Антонио Димитров.

Тој посочува дека со промена во раководството, доаѓа и промена на културните политики во центарот.

„Почнуваме нова ера во работењето, со нова енергија, ентузијазам, свежи идеи и со јасна визија! Програмата што ја поставуваме е обновена, збогатена, освежена и темелно концепирана, креирана по светски стандарди. Акцент ставаме на поддршка на локалната културна сцена, но и на меѓународното вмрежување. Работиме на враќање на старата публика, но и создавање нова, преку неформална едукација, прилагодувајќи се на потребите на младите. На нашата млада публика ѝ треба култура, уметност, музика, повеќе од кога било досега; овие клучни искуства го отвораат патот, нудат пошироки перспективи“, потенцира Димитров.

Отвореноста кон уметниците, која е исклучително важна, вели тој, ќе им биде приоритет во функционирањето. Ги отвораат вратите за веќе етаблирани, но и за нови уметници, писатели, музичари, артисти, чии идеи ќе добијат можност за реализација во центарот.

„Веќе подготвуваме внимателно избрана ликовна, литературна, музичка, филмска и мултимедијална програма. Уште со првиот проект – градски културен информатор – го враќаме и информативниот аспект на установата. Очекувајте го првиот број наскоро! Оваа година ќе се насочиме и кон реализација на два обемни мултимедијални фестивали, но и на меѓународни соработки и вмрежување со интернационални културни центри. Ќе оствариме отворена комуникација со независната, но и со институционалната културна сцена, со визија за градење на отворена и ризоматска мрежа, која ќе ја поттикне и раздвижи индолентната културна понуда“, посочува Димитров.

Од друга страна, вели тој, евидентна е потребата од засилен институционален ангажман поради спектарот на проблеми со кои се соочуваат уметничката сцена и креативците: технички, финансиски, инфраструктурни, организациски…

„Во вакви услови, витална е потребата од установа што ќе го згрижи постоечкиот потенцијал и ќе помогне во надминување на постоечките проблеми. Во овој современ, денешен контекст, во кој е евидентен наплив од тривијална, потрошувачка, хиперкомерцијална, банална култура, нашата главна цел е поставување на цврсти темели за здрава сцена, заснована на изградени творци и едуцирана публика“, потенцира новиот директор на КИЦ.