Аниме и дискусија за политиката и моќта во „Дуња“

Во екот на изборната еуфорија ќе ја проблематизираме политиката во нејзината најсуштинска форма! Ќе ги проектираме првите две епизоди од политичкото аниме – Code Geass, секако, проследено со дискусија, се вели во најавата за вечерашниот настан од 19 часот во Социјалниот центар „Дуња“.

Од „Дуња“ потенцираат дека секој чинител во едно општество има право и одговорност да размислува и да делува политички, и тоа не мора да биде само во склоп на политичка партија. Во целокупното свое општествено делување, велат од таму, секој може да ги изразува своите ставови и преку нив да го менува општеството.

„Да излеземе од партискиот дискурс на секоја кампања и да размислуваме како самоиницијативно можеме да ’се бавиме со политика’. Ова аниме ги третира проблемот на моќта, револуцијата, побуната, диктатурата на еден многу автентичен начин. Дојдете да поразговараме за политиката надвор од мејнстрим дискурсот!“, стои во најавата за настанот.