Анализа: Ревизија во општина Кисела Вода – Под лупа трошењето на општинските пари

Месечно преку Агенцијата за привремени вработувања биле ангажирани од 32 до 34 лица во општина Кисела Вода, за што во 2017 година се потрошиле 173 000 евра. Под лупа на државниот резвизор – општинската буџетската каса која во 2017 година во однос на 2016 година била зголемена за повеќе од 120% – но на крајот од календарската година регистрирано е значајно потфрлување, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. Финансиските извештаи опфатени со ревизијата, како што се наведува, се одговорност на раководството, односно на градоначалниците Билјана Беличанец – Алексиќ, градоначалник од април 2012 година до крајот на октомври 2017 година и на Филип Темелковски, градоначалник од 1 ноември 2017 година.

Привремени вработувања, финасирање на невладини, сметки во ресторани…

Со привремено ангажирани лица преку Агенција за привремени вработувања се пополнувале работни места во општинската администрација, што се коси со Законот за вработени во јавен сектор и со Законот за агенциите за привремени вработувања. Во 2017 година, за исплата на привремено вработените, општина Кисела вода исплатила 173 000 евра – се наведува во ревизорскиот извештај во кој се потенцира дека месечно на ваков начин биле ангажирани од 32 до 34 луѓе.

„Привремените вработувања во општинската администрација кои не се во согласност со законски пропишаната рамка за вработување укажуваат на намалена транспарентност при вработувањето, субјективност во изборот на лица и нивна повластена положба во постапката за нивно ангажирање,“ пишува во извештајот на ревизорите.

Тие препорачуваат ваквите привремени вработувања да се спроведуваат во согласност со законските прописи – само во случаи на привремено отсутен работник, привремено зголемен обем на работа, сезонска работа, работа на проекти и други случаи кои ги предвидува законската регулатива.

Во текот на 2017 година на сметка Транфери до невладини организации биле префрлени 1 500 евра на културно уметничко друштво, здружение на граѓани и на спортски клуб за финансирање проекти од областа на културата, спортот и социјалната заштита, за кои ревизорите не можеле се уверат за наменско и законско користење на средствата поради повеќе причини, меѓу кои непостоење на акт за начинот, постапката и критериумите за финансирање ваков вид програми, средствата биле исплаќани врз основа на поединечни барања, без објавување оглас, а организациите кои ги добиле средствата не испратиле извештај за реализираните проекти и програми.

„Ваквиот начин на доделување на средствата од буџетот на општините и немање целосен увид во нивното трошење од страна на здруженијата и спортските клубови создава ризик од субјективност во одлучувањето, намалена транспарентност и несоодветно користење на парите“ – посочува ревизорот.

На крајот од 2017 година општина Кисела вода донела Правилни за регулирање на условите и критериумите за овој сегмент на доделување на буџетски средства а на почетокот од 2018 година се објавиле и огласи за доделување на материјални средства на спортски клубови, здруженија, спортски институции, како што препорачале државните ревизори, пренесува Portalb.mk. На ова регирала општина Кисела вода која информирала дека Правилникот е усвоен од Советот на општината, по што оваа забелешка делумно е прифатена од страна на ревизорот.

Слична е и состојбата со доделување пари на талентирани ученици, за што во 2017 година се потрошиле скоро 19 000 евра.

„Ревизијата не може да обезбеди уверување за наменско и законско користење на средствата“ – пишува во извештајот по што градоначлникот на општината, а не Советот на општината во 2018 година донел Процедура за условите и критериумите за доделување награди за талентирани ученици. Ревизорите препорачуваат документите да бидат усвоени и од страна на Советот на општината. И на овие наоди со одговор од општината која информирала дека се формирале работни групи за изготвување на правилници, кои ќе ги заменат процедурите иќе бидат ставени на гласање во Советот на општината.

Ревизијата обелоденува дека во 2017 година биле искажани расходи за репрезентација за извршени угостителски услуги во износ од 2 400 евра за кои не е дадено образложение за основот на репрезентацијата, односно дали истата е потрошена за службени цели.

„Трошоците за репрезентација по основ на угостителски услуги да се засноваат на веродостојна документација во која ќе биде наведен поводот и целта за која е извршена услугата“ – порачува државниот ревизор.

Големи буџетски проекции – слаби остварувања…

Под лупа на ревизијата и процесот на буџетирање, пришто ревизорите констатираат слабости и покрај воспоставените внатрешни контроли.

„Не е обезбедена транспарентност и јавност во процесот на изготвување и донесување на буџетот поради не организирање на јавни расправи, трибини“ – наведуваат меѓудругото ревизорите и посочуваат дека во 2017 година приходите и раходите на Буџетот во споредба со 2016 година биле зголемени за 120,94%, а на крајот од годината приходите се остварени со 40% а расходите со 36,80%.

„За 2017 година и покрај тоа што прходите и расходите не се остварувале во планираниот обем од страна на градоначалникот до Советот на општината не е предложен ребаланс на буџетот туку вршена е прераспределба на буџетските средства со пооделни одлуки“ – наведуваат ревизорите.

Општина Кисела Вода испратила забелешка на извештајот, информирајќи дека ребаланс на буџетот не е направен поради изборните активности поврзани со локалните избори во 2017 година и роковите за констутирање на новиот општински совет. Ваквиот одговор ревизорите го оценуваат како известување со укажување дека ревизијата е задолжена да ги истакне слабостите во планирањето на општинските буџети.